Почнува уште едно големо поглавје во историјата на Volkswagen. Откако Волфсбург ги пушти ID.3 и ID.4 & 5 да возат на струја паралелно со Golf и Tiguan, сега уште еден голем модел го почнува електричниот пат: ID.7, во класата на Passat. Испораката почнува наесен.
Во фабриката во Емден започна производството на најновиот и моментно најголем модел на Volkswagen со погон на струја, ID.7.
Томас Шефер, извршниот директор на марката Volkswagen говореше на настанот дека Volkswagen ги следи плановите за електромобилноста. „Пазарното воедување на ID.7 е уште една важна одредница на патот кон електричната иднина на нашата марка,“ кажа Шефер. „Како концерн и како марка, вложуваме масивно во технологијата, во нови модели и во трансформацијата на нашите фабрики, како на пример Емден.“
ID.7 е меѓу десетте нови електрични модели, што Volkswagen ќе ги пушти во продажба до 2026 година. Најдоцна во 2033 година, марката во своите фабрики во Европа ќе произведува само електрични модели. Директорот Шефер објасни како треба да функционираат нештата: Системското преоѓање кон е-мобилноста бара заеднички напори на стопанството, политиката и општеството“. Првиот човек на Volkswagen со тоа укажа на потребата од изградба на мрежа од полначи, но и олеснувања за купувачите, како и државна поддршка за развој и за производство.
Меѓу поканетите високи гости на настанот присуствуваше и премиерот на германската сојузна покраина Долна Саксонија, Штефан Вајл. Неговиот говор исто така беше мошне ефектен, со „возењето автомобил станува електрично, тоа е неповратен тренд“ или со „ID.7 е возило од средната класа, што ќе ги задоволи и повисоките барања“.
Во врвната изведба, ID.7 постигнува досег до 700 километри. Техниката дозволува користење брзи полначи – какви што патем одамна има поставено во македонскиот Порше, со 320 kW моќност – а возилото се одликува со просторност и лесно ракување. Освен за Европа, моделот од Емден ќе се испорачува и за Северна Америка.
Емден досега се поврзуваше главно со Passat
Фабриката во Емден почна да се префрлува на електрични модели уште во 2020 година. Првиот модел на струја оттаму, ID.4, излезе во мај 2022 година. Досега се вложени над милијарда евра во приспособувањето фабриката и во обука на персоналот.
















