за

JLR бара нов сегмент да го смести Discovery, продажбатa ја носи Defender

Jaguar Land Rover, по ново JLR, бара ново место на пазарот во коешто ќе ја смести идната генерација на Discovery. Моделот се најде во сенка на Defender, од којшто се бара примерок повеќе.

Побарувачката за Discovery и за Discovery Sport почна да се поднамалува, додека Defender прерасна во најпродаван модел на британската благородна марка, откако стартуваше новата генерација во 2020 година.

Место оригиналниот и незапирлив теренски автомобил, осмислен како работно возило во периодот по Втората светска војна, Defender во 2020 година се појави како луксузен автомобил, со изобилство од технологија – и луѓето го обожуваат тоа.

Land Rover отпочна сосем ново поглавје, кога во 1989 година го пушти Discovery, како мост меѓу супер-теренскиот Defender и отмениот Range Rover. Моделот испиша успешно поглавје, меѓутоа во последните години почна да му бледее славата.

„Нема што да криеме: Discovery не постигнува колку што постигнуваат останатите два (Range Rover и Defender)“, кажа извршниот директор на JLR, Адријан Мардел за магазинот Аутокар.

Мардел посочи дека тим работи во моментов, за да утврди ново место на пазарот, во коешто ќе биде позиционирана идната генерација на Discovery, во понудата на „House of Brands“, како што се води JLR.

„Треба да создадеме дизајн и бизнис модел што ќе бидат успешни“, кажува Мардел. „Уште немаме утврдено рок до којшто тимот треба да ја заврши работата, затоа што бевме посветени на Defender. Сега ги преселивме луѓето во куќата на Dissovery.“

JLR ја реорганизираше својата понуда од модели во четири марки – Range Rover, Defender, Discovery и Jaguar.

Discovery беше најслабо продаван модел на Land Rover во тромесечјето што заврши на 30-ти јуни. Во вториот квартал на светскиот пазар беа пласирани 4.354 примероци од моделот. Discovery Sport, којшто е сроден со компактниот СУВ Range Rover Evoque, беше втор најслкабо продаван модел на Land Rover, со 7.022 примероци во последното тромесечје.

Далеку најпродаван модел е Defender, на ниво на целата групација JLR, со продадени 27.616 примероци.

Совпаѓање меѓу Defender и Discovery

Марката Discovery е проблематична во JLR, затоа што нејзината посветеност на семејна примена и практичност се совпаѓа со местото што Defender го има во понудата на групацијата.

JLR ќе ја прошири тековната понуда во семејството на Defender, со батериска електрична изведба и воедно ќе конструира помала изведба на Defender, врз база на новата платформа EMA, што е наменета за електрични возила. Британците го најавија тоа на собирот за инвеститорите во јуни.

На аналитичарите им беше најавено, дека врз основа на платформата EMA ќе се развива и наследникот на Range Rover Evoque, исто како и новиот Discovery.

Идниот Defender ќе ја користи истата платформа MLA како Range Rover и Range Rover Sport, кажа Мардел во интервју за британскиот Ауто Експрес.

Тој, сепак, посочи дека Discovery нема да го следи Defender и нема да ја користи платформата MLA и покрај тоа што двата тековни модели користат иста платформа, D7.

„Знаеме дека нема да ни успее со MLA, затоа што таа едноставно не ни овозможува да направиме ценовно подостапен модел врз MLA. Знаеме дека ќе ни успее со EMA, затоа што тоа е единствената друга опција за Land Rover“, кажа Мардел.

Повисоки маржи, ново поставување на марката Jaguar

JLR се врати во зоната на профитабилност, следејќи ја стратегијата со којашто се посвети на поголеми СУВ-модели, што носат повисока добивка, како што се Range Rover, Range Rover Sport и Defender.

Компанијата го привршува и репозиционирањето на Jaguar, којашто ќе прерасне во ултра-луксузна марка (Bentley, Aston Martin) со целосно електрична понуда од модели.

Главниот дизајнер Гери Мекгаверн раководи со дизајнерската преродба на Jaguar, со три модели што „не се копија на ништо“, почнувајќи со гран туризмо модел со четири врати во 2025 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Зошто ова Ferrari изгледа како вандали да го исчкртале

Првиот електричен Lamborghini ќе биде автомобил за секој ден