Lamborghini преку концептот Lanzador го прикажа изгледот на својот прв целосно електричен автомобил, којшто го најавува како спој на перформанси на суперавтомобил и практичност на автомобил што може да се користи во секојдневието како секој друг.
Сериската изведба на гран-турерот со конфигурација на седишта 2+2 е планирана да стартува во 2028 година, како четврти модел во понудата на Lamborghini, покрај кросоверот Urus, купето со приклучен хибриден погон Revuelto и купето Huracan.
„За нас, четвртиот модел е апсолутно логично проширување на тековното портфолио, совршена врска меѓу Urus и нашите суперспортски автомобили“, напиша извршниот директор Штефан Винкелман во соопштението за медиуми.
„Ова е целосно електрично Lamborghini, во коешто нашите клиенти ќе можат да уживаат секој ден“, додава Рувен Мор, главен инженер во Сант Агата.
Концептот Lanzador беше прикажан пред јавноста за време на Автомобилската недела во Монтереј, Калифорнија.
Секоја оска располага со електромотор со висока моќност, со што се постигнува постојан погон на сите тркала. Системската моќност надминува еден мегават, односно близу 1.400 КС.

Енергијата доаѓа од нова генерација батерии со високи перформанси, коишто меѓу другото овозможуваат и долг досег, наведе Lamborghini, без да се откриваат детали околу батеријата.
Lanzador располага со практични функции за секојдневно користење. Под силно закосената предна хауба се наоѓа голем багажник. Задната клупа се мести по должина и по агол, а со многубројните можности за приспособување на багажникот може да се обезбеди простор за најразличен товар.
Lamborghini преку Lanzador ги најавува новите технологии за идните модели, вкучувајќи го и новиот систем за контрола на возната динамика Lamborghini Dinamica Veicolo Integrata (LDVI). Системот е од сопствен развој и користи значително зголемен број на сензори и активатори, со цел да се постигне уште пофино и попрецизно чувство во возењето.

Активната аеродинамика се приспособува за најразлични сценарија за возење, и главно има за цел да придонесе за продолжување на досегот на Lanzador, додека во исто време влијае и врз перформансите. Може прецизно да се избере поголема потисна сила врз каросеријата, заради постигнување повисока брзина во свијоци, но може да се избере и степен во којшто каросеријата создава најмал можен отпор на струењето на воздухот, заради ниска потрошувачка на енергија при високи брзини.
Lamborghini во првото полугодие постигна рекорд со продадени 5.341 автомобили, за 251 возило повеќе во споредба со истиот период лани. Најпродавам модел е Urus, со 3.241 примероци, по него следи Huracan.
View this post on Instagram
Сериската изведба на Lanzador ќе се произведува во фабриката на Lambrghini во Сант Агата Болоњезе. Групацијата Volkswagen таму вложува 1,9 милијарда евра до 2027 година, за производството да се префрли на модели со хибриден и целосно електричен погон.
Понудата од следната година ќе се состои исклучиво од модели со хибриден погон, со доаѓањето на новата генерација на Uris, како и со нов модел што ќе го замени Huracan.
















