Во јануари 2021, сите автомобилски пазари во Европа биле во минус, со исклучок на Шведска и Норвешка. Истото важи и за производителите. Најголем пад имаат Alfa Romeo и Jaguar, додека Volvo и Porsche се во плус. Шампиони се двете премиум марки во Топ 5, покрај Volkswagen и Renault.
Ресетирањето што го доживеаја сите сфери во секојдневието во почетокот на пандемијата, некои автомобилски марки го искористија како шанса за од ново да ги постават работите и да се изборат за уште подобри позиции. Тоа буквално важи за Mercedes, BMW и Audi. Во минатата деценија ќе беше апсурд да се предвиди дека премиум марките од германското трио во Европа некогаш ќе се продаваат повеќе од Fiat, Citroen или Opel. Тоа не само што е реалност во јануари 2021 година, туку марките на „новиот“ концерн Stellantis одвај се најдоа и во Топ 10 на најпродавани марки на европскиот пазар.
Volkswagen е неприкосновен на врвот, со 82.296 автомобили во јануари, што претставува пад од 32,6 проценти во споредба со истиот месец лани. Второто место му припаѓа на Peugeot (-18,3%), кој искористи од тоа што француската држава масивно ја потпомага продажбата на домашните марки, со цел на тој начин да се поткрепи економијата. Влијанието на таа помош од државата се огледува во фактот што Франција има речиси најнизок пад во продажбата во јануари, со -5,8 проценти.
Веднаш по двете волуменски марки, следат големите изненадувања. BMW е на третото место, со само 7.000 возила помалку од Французите и со пад од 17,1 проценти. Веднаш следи Mercedes со 46.706 возила, рамо до рамо со францускиот партнер Renault (-25,3%). Веќе одамна не изненадува (повторно) високиот пласман на Toyota, откако Corolla, C-HR, RAV4, и сега Yaris, се покажаа како одлични пазарни тркачи. Продажбата на јапонската марка на шестото место, во јануари опаднала за 19 проценти.
Skoda е третата марка на концернот Volkswagen во Топ 10
Големата десетка ја заокружуваат Ford, па уште една премиум марка, Audi со близу 38.000 возила. Skoda е трета марка на концернот во Топ 10, пред Opel, кој воедно има и најголем пад во продажбата во овој ранг (-33,4%). Fiat и Citroen продолжуваат надолу, се до шампионот Kia, кој веројатно ќе ги престигне двете марки на новиот концерн Stellantis веќе во февруари – шампион, затоа што има најнизок пад во продажбата, од само 11 проценти.
Останува мистерија зошто Suzuki и натаму отсуствува од продажната статистика на европското здружение на производители на автомобили. Додека јапонскиот производител ги објави сопствените извештаи од пазарот во следниот месец, за Suzuki да не ни отсуствува од статистиките, како основа го земаме неговото ланско пазарно учество од 1,44 процент. Тоа дава продажба на околу 11.000 возила во јануари, односно место за Suzuki пред Mini, Jeep, Mazda, Mitsubishi, Honda итн.
















