Дополнително оптоварување е тоа што во Велика Британија од 2024 година ќе се плаќа 10 проценти царина за електрични автомобили, поради Брегзит.
Производството на батерии во Европа, што се потпомага со пари од даночните обврзници, останува далеку зад очекувањата. Постојано се одложува стартот на изградбата на нови гигафабрики. Со тоа се загрозува растот во производството на електрични автомобили.
Покрај тоа, купувањето електрични автомобили во Велика Британија, од следната година ќе биде оптоварено со 10 проценти царина, поради Брегзит. Тоа им наштетува најмногу на германските производители. Во минатата година, дури 28 проценти од сите електрични автомобили што биле произведени во Германија, биле извезени на британските острови.
Поради тоа, британското здружение на производители на автомобили SMMT и германската групација на автомобилски производители VDA бараат европската политика да го одложи воведувањето царина за 2027 година. Со тоа ќе се добие време за изградба на нови гигафабрики за батерии.
Досега е изградена само една третина од планираните капацитети
Според последниот увид на Европскиот ревизорски суд од 19-ти јуни, производството на батерии во ЕУ во 2021 година достигнало само 16 GWh, што е една третина од најавениот капацитет од 62 GWh. До 2030 година, според Судот, во ЕУ се планирани проекти со вкупен производствен капацитет меѓу 714 и 1.200 GWh. Доколку навистина се достигнат 1.200 GWh, со батерии со просечна големина од 75 kWh би можеле да се опремат до 16 милиони електрични автомобили.
Прашање е дали сите овие проекти ќе се реализираат. Главната причина за бавниот раст во производствените капацитети во Европа се високите субвенции за инвестирање во фабрики за батерии во САД. Тоа е дел од американскиот Акт за намалување на инфлацијата (IRA).
[the_ad id=”73735″]
На тоа се придружува и драстиучниот раст на цените на енергијата и на суровините. Дополнително се јавува и ризик од недостиг од материјали, предупредуваат од европскиот суд за ревизија: „Од 2030 година, сите производители може да се соочат со недостиг од суровини за батерии.“
Бројни проекти се сметаат како ризични
Невладината организација Транспорт & Животна средина стравува дека голем број од околу 50 гигафабрики за батерии во Европа, што се планирани до 2030 година, не ќе може да се реализираат. Организацијата во својот извештај наведува дека 68 проценти од планираниот волумен се „под голем ризик“.
Во јуни, САД првпат ја престигнаа Европа во капацитетот за производство на батерии. Додека капацитетот во САД, од стартот на IRA-програмата во минатото лето, се зголемил за 60 проценти, на 1.190 GWh, продукцијата во Европа во истиот период се зголемила за само три проценти, на 1.170 GWh.
















