Кина ќе ги престигне европските производители, доколку забават со електричните автомобили

Индустријата се соочува со тешка дилема: Да продолжи да трпи загуби со своите електрични возила или ги крати вложувањата, оставајќи ги кинеските соперници да продолжат да напредуваат

Електричните автомобили на Би Уај Ди, како моделот Сигал, имаат цени што се недостижни за европските соперници.
  • Европските производители треба да продолжат да вложуваат во ЕВ и покрај бавната продажба и отпишаните 50 милијарди долари како неповратен трошок.
  • Експертите предупредуваат дека со смалувањето на трошоците за ЕВ се вложува помалку и во иднината.
  • Политиките на Трамп го поместија пазарот во САД во насока на мотори со внатрешно согорување, додека Европа засилува со електрификација.
  • ЕУ цели емисијата на ЦО2 да се смали за 55 проценти до 2030 и за 100 проценти до 2035 година.

Производителите на автомобили ги забавија амбициозните планови за проширување на понудата од електрични модели, откако отпишаа милијарди како неповратен трошок. Аналитичарите сепак предупредуваат дека данокот од откажувањето ќе биде многу повисок, откако ќе стапат на сила построгите норми за емисија на CO2, додека во исто време забрзуваат кинеските соперници.

Индустријата се соочува со тешка дилема: Да продолжи да трпи високи загуби со своите електрични возила, коишто уште не ги имаат достигнато очекуваните продажни бројки, или да продолжи со кратење на вложувањата и да се впушти во ризик дека нема да ги исполни нормите на ЕУ, оставајќи ги кинеските соперници да продолжат да напредуваат со технологијата и со ценовната конкурентност.

Во почетокот на годинава, светските производители на автомобили отпишаа 50 милијарди долари што се вложени во електрични автомобили, како неповратен трошок, поради тоа што ја преценија побарувачката. Само концернот Стелантис се збогува со 26 милијарди долари, а големи загуби имаат и Хонда, Џенерал Моторс и Форд.

Аналитичарите тврдат дека и покрај финансискиот товар треба да се продолжи со претходниот курс. Јирген Рерс, директор за светскиот автомобилски пазар и мобилност во Аксенчр, вели дека електрификацијата е неизбежна и дека таа само напредува побавно отколку што се очекуваше првично.

Рерс ја гледа ситуацијата како временски расчекор меѓу очекувањата и пазарната реалност. Тој предвидува дека во следните 10 до 15 години ќе има широка разновидност во понудата од видови погон, со тоа што приклучните хибриди и алтернативните горива ќе имаат преодна улога.

Батериските електрични возила и натаму ќе бидат решение што нуди највисока енергетска ефикасност со најсигурни изгледи за иднината, што ќе биде потпомогнато со опаѓањето на цената на батериите и со очекуваниот технолошки напредок. Рирс цени дека батериските електрични автомобили ќе продолжат со „мошне силен“ раст во Европа, во споредба со слабата продажба во минатото.

Силен е притисокот од законодавството

Европските производители и натаму мораат да ги исполнат строгите цели на ЕУ за емисијата, вклучувајќи намалување на емисијата на ЦО2 од новите автомобили до 2030 година за 55% во споредба со нивото од 2021 година, а понатаму и 100% намалување, што практично значи забрана за продажба на нови автомобили со мотор со внатрешно согорување.

Киа Стоник · Тест · Траен како камен

Имајќи го тоа предвид, кратењето на инвестициите во ЕВ може да ја подрие конкурентноста во иднина. Педро Пачеко, потпретседател за истражување во Гартнер, предупреди дека со смалувањето на инвестициите во БЕВ директно се смалува и инвестирањето во иднината.

„На крајот, дури и ако некој производител на автомобили сака да се откаже од БЕВ, не му остануваат други опции,“ вели експертот. За да се развие ПХЕВ што е конкурентен, неопходно е да се поседува напредна технологија за БЕВ, затоа што стратегија што е сосредоточена на мотори со внатрешно согорување, ќе ги присили производителите на автомобили да се ограничат на малите сегменти што се скусуваат сé повеќе, како што се најлуксузните возила, вели Пачеко.

Неколку производители „седат на средината на мостот“, во отсуство на јасна стратешка одредница. Со таков пристап, се влегува во ризик од губење на ресурусите и од разјадување на конкурентноста, кажува експертот.

Менувањето на политиката на САД ги комплицира работите

Сменетата политика во САД дополнително ги комплицира стратегиите за светскиот пазар. Администрацијата на Трамп во септември 2025 година го укина даночното ослободување во висина од 7.500 долари, и со тоа го ослабна интересот за електрификација на тој пазар.

Мала е веројатноста дека БЕВ и хибридите ќе имаат раст во блиска иднина покрај сегашната политика во САД, додека се очекува возилата со мотори со внатрешно согорување да доминираат, оценува Фердинанд Дуденхофер, директор на Центарот за автомобилско истражување во Бохум, Германија.

Менувањето на трговските и индустриските политики силно ги погодува европските производители на авотмобили што годишно извезуваат по 500.000 возила во САД, покажува анализата на КПМГ.

Се создава пазар со „два света“

Тоа води кон светски пазар што се разединува сé повеќе, присилувајќи ги европските производители, како Мерцедес-Бенц, Фолксваген и БМВ, на коишто САД и Кина им се клучни пазари, да балансираат меѓу двата пазари што се движат во различна насока.

Кина напредува брзо со достапни ЕВ, каде што предводи Би Уај Ди, на пример со модели како Сигал, што таму чини околу 10.000 долари, далеку под цената на споредливите европски модели.

САД им се враќа на моторите со внатрешно согорување, додека Европа чека меѓу амбициозните политики и пазарната реалност.

Дуденхофер ја опишува ситуацијата како „реалност со два светови“, додека Кина и Европа продолжуваат со електрификацијата, иако се разликуваат во брзината.

Кинеските производители на БЕВ постигнаа значителна ценовна предност и нивните електрични авотмобили продолжуваат да нижат успеси на домашниот пазар. Во Европа, напредокот ќе биде побавен, откако производителите на автомобили „вложија премногу и пребрзо“, објаснува Дуденхофер.

Пораката од анализата до европските производители е јасна: Важно е да се остане на курсот со вложувањата во ЕВ и покрај загубите на краток рок.

„Доколку сега се откажат, тие ќе имаат уште поголеми проблеми по пет години,“ вели Дуденхофер, оценувајќи ги актелните отпишувања на трошоци како данок што мора да се плати, за да се задржи конкурентноста на пазарот во иднина.

Претходна објаваЕлектрична елеганција и шпански ритам: Промоција на новиот Porsche Macan
Следна објаваКиа ја пушта електричната ЕВ2 во Европа по цена од 26.600 евра

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here