за

Е-горивата би чинеле исто колку фосилните горива, вели научник на Aramco

Технолошки напредок и приспособено даночење може да ги поевтинат синтетските горива, за коишто ЕУ направи исклучок за целта за нула СО2 во 2035 година.

Фабриката за е-горива на Porsche, во Чиле, којашто се снабдува со енергија од ветерни турбини

Научници од арапската компанија за енергетика Aramco и менаџери од концернот Stellantis велат дека може да се постигне, е-горивата да чинат слично како горивата од фосилно потекло.

Саудиската компанија Aramco верува дека може да gи смали трошоците за производство на е-горива, за тие да станат применливи за намалување на емисијата на СО2 кај возилата што се движат со мотор со внатрешно согорување. Тоа го тврди главниот технолог за транспорт на нафтениот гигант од Саудиска Арабија.

„Навистина веруваме во синтетските горива,“ кажа научникот на Aramco, Амер Амер, за време на онлајн-средбата со новинарите. На таа средба се разговараше за соработката меѓу Aramco и автомобилскиот концерн Stellantis (Peugeot, Fiat…), за да се тестира применливоста на е-горивата во моторите што концернот ги вградува во своите возила.

За Е-горивата годинава беше направен исклучок од прописите на ЕУ, со коишто се бара во Европа по 31-ви декември 2035 година да се продаваат само автомобили со нулта емисија.

Горивата се произведуваат со соединување на водород и јаглероден диоксид по пат на хидролиза. Користењето енергија од обновливи извори, како сонце или ветар, претставува основа за овие горива да се сметаат како погодни за добивање „зелен“ водород. Истото важи и за собирањето јаглероден диоксид од воздухот или од одредени извори, на пример, од фабриките.

Возилата што користат е-горива испуштаат честички и јаглероден диоксид, но нивните подржувачи велат дека таа емисија се компензира преку производствениот процес што не ѝ наштетува на животната средина. Е-горивата, синтетските горива, во моментов не се произведуваат во индустриски обем и поради тоа нивната цена е неколкупати повисока во споредба со бензинот или дизелот.

Во тестирањата на Stellantis и Aramco се покажа дека е-горивата може да се користат во 24 од вкупно 28 фамилии мотори на концернот, вклучувајќи ги и дизелите што имаат емисија според Еуро 6. Тоа вклучува вкупно 24 милиони автомобили со мотор со внатрешно согорување, посочуваат од Stellantis.

Автомобилскиот концерн Stellantis потрошил десетици милиони евра за да добие сертификати за моторите, вели Кристијан Милер, виш потпретседател за погонски системи. Производителот планира да објави список со VIN броеви, за потрошувачите да можат да проверат дали нивните автомобили можат да користат синтетски горива.

Stellantis и Aramco велат дека е-горивата можат да ја смалат емисијата на СО2 за 70 проценти, сметајќи од „извор до тркало“ – гледано во целиот животен век на возило со мотор со внатрешно согорување. Критичарите велат дека производството на горивата е прескапо, дека истото е неефикасно за да се троши оскудната обновлива енергија, како и дека се пренасочуваат средства што може да се искористат за развој на автомобили со батериски електричен погон.

„Убавата приказна е тоа што производството на синтетски горива не е магија“, вели Амер. „Тоа вклучува комбинација од стари и постоечки технолошки блокови“.

„Веруваме дека горивата може да станат применливи од гледиште на трошоците, ако се гледа низата од можности за намалување на трошоците што се вклучени,“ додава тој. Aramco гради две фабрики за демонстрирање на е-горивата, една во Билбао, Шпанија, една во Саудиска Арабија. Амер вели дека двете фабрики ќе отпочнат со работа во 2025 година.

Новиот Ferrari Purosangue располага со мотор што произведува 715 КС и испушта 389 грами СО2 по километар. Ferrari и италијанската влада го подржаа вклучувањето на е-горивата во прописите за клима на ЕУ.

Неколку начини за намалување на трошоците

Потенцијални подрачја за намалување на трошоците вклучуваат користење на постоечките рафинерии, за во нив да се произведуваат е-горивата, како и користење метанол, како транзитен агенс, вели Амер. Останатите подрачја се однесуваат на подобрување на технологијата за собирање јаглероден диоксид. Концентрацијата на СО2 во воздухот е ниска, така што е потребна голема количина енергија за да се собере доволно СО2. Амер вели дека истражувањето нови материјали за апсорбирање, може да ги смали трошоците, од сегашните 500 до 600 долари по тон, на 100 до 200 долари по тон.

Меѓу останатите производители што активно ги подржуваат е-горивата е Porsche, којшто финансираше фабрика за демонстраиње во Чиле, како и Ferrari и Renault, којшто исто така планира да соработува со Aramco, како дел од заедничката инвестиција со Geely, за производство на мотори со внатрешно согорување.

„Цената е најчувствителната тема“, вели Милер. Тој кажува дека цената на синтетските горива на пумпа за точење не зависи само од намалувањето на трошоците за производство и од скалестите ефекти, туку може да се помогне и со соодветно даночење, субвенции и планови за тргување со емисија.

„Со овие варијабили, убедени сме дека цената на пумпа може да биде иста“ со горивата од сурова нафта, цени Милер.

Милер потврди дека Stellantis не планира по 2030 година да продава возила со мотор со внатрешно согорување во Европа. Тој ги опишува е-горивата како „комплементарни“ додека концернот преоѓа на батериски електрични возила и во компанија што е неутрална во поглед на СО2.

Максималното намалување на СО2 се предвидува за 2040 година

Голем број од автомобилите што ќе се произведат до 31-ви декември 2029 година, уште ќе бидат на патиштата во 2050 година, напоменува Милер, додавајќи дека 25 проценти од возилата на Stellantis се користат и по 20 години. „Времетраењето на користењето на е-горивата е значајно“, вели Милер. Максималниот ефект од намалувањето на СО2 ќе се случи во 2040 година.

Проблем за авијатиката, поморскиот сообраќај

Главната критика за развојот на е-горива за патнички автомобили е насочена кон тоа што инвестицијата би можела да се искористи подобро во авијатиката или во бродскиот транспорт, па дури и во производството на пластика – затоа што батерискиот електричен погон не одговара за авиони и бродови.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Французите ќе можат да најмат електричен автомобил за 100 евра месечно

Fiat 600e во стартот на продажбата ќе го следи примерот на Jeep Avenger