за

Како исчезна значењето на димензијата на гумите

Времињата се менуваат, до пред дваесетина години уште беше важно каква димензија на гуми се користи, денес ретко кој придава значење на тој податок.

pirelli димензии на гуми низ историја

Автомобилистите што своевремено не пропуштаа ниту еден тренд кај автомобилите, се одушевуваа кога ќе забележеа екстремно широки и нископрофилни гуми. Околу димензиите се разврзуваа долги разговори, тогаш беше многу важно какви гуми има автомобилот. Еуфоријата одамна исчезна.

Ширината на гумите што се вградуваа во најпродаваните модели во 1960-те и 1970-те години е неверојатно мала според денешните стандарди. Моделите од типот на Renault R4 или Volkswagen Beetle обично користеа гуми широки 125 или 135 милиметри. Тоа е димензија што денес ја надминува секој малку побрз скутер.

Гуми широки 185 милиметри беа сензација. Фановите си замислуваа дека возат спортски автомобил само со вградувањето широки гуми, најчесто на истите тркала. Golf GTI во раните 1980-ти години исто така беше добро опремен со димензијата 175/70 HR 13. Во таа класа беше реткост да се вози со толку широки и ниски гуми. Денес ретко кој ќе се одушевува ако на модел од компакт класата прочита димензија 225. Кај лимузините од високата класа, димензија 245 одамна е стандард.

Уште повеќе беше важна висината на гумите. Сооднос меѓу ширината и висината на гумите од 70 или 65 проценти важеше како врв. Традиционалистите кога ќе здогледаа такви гуми, веднаш оценуваа критички дека со такви гуми не се вози по неквалитетни патишта и им предвидуваа дека брзо ќе се скинат. Porsche 930 Turbo од 1980 година имаше гуми 205/55 VR16 напред и за уште една нијанса пошироки гуми назад, 225/50 VR16. Тоа беа бројки што секој пасиониран автомобилист ги знаеше наизуст. Гуми со овие димензии денес важат како стандард кај компакти со 100 КС.

Третата еволуција на тема гуми и тркала се случуваше во пречникот. Модели во класата на Fiesta денес можат без проблем да носат тркала од 17 или 18 инчи под крилата. Пречник над 20 инчи постепено прераснува во стандардна големина во луксузната класа и кај ексклузивните СУВ-модели. Границите уште се отворени.

Статистичарите точно пресметаа какви гуми денес важат како стандард во одделните автомобилски класи

Моделите во мини и градската класа излегуваат од фабрика најчесто со гуми широки 185 mm (27 пороценти) и 195 mm (28 проценти), на тркала со пречник од 15 инчи (43 проценти), односно 16 инчи (32 проценти). Алу-тркала доминираат со 55 проценти, наспроти челични тркала со преостанатите 45 проценти.

Во компакт-класата, гумите се за нијанса пошироки, со 205 mm (51 проценти) и 225 mm (31 проценти), при тркала со пречник од 16 инчи (40 проценти), односно 17 инчи (43 проценти). Тркала од алуминиумска легура и тука преовладуваат со удел од 86 проценти.

Најчестата димензија во средната класа е 225 mm со удел од 34 проценти. Тука преовладуваат тркала од 17 инчи, со уредл од 36 проценти. Во поглед на материјалот на тркалата, алуминиумот и тука владее со 96 проценти.

Во вишата класа исто така преовладува ширина од 225 mm (59 проценти), додека пречникот на тркалата изнесува 17 инчи (41 проценти) и 18 инчи (42 проценти). Челичните тркала повеќе не се вградуваат.

Луксузната класа исто така вози на висока нога и прикажува доминација на ширина од 245 милиметри, со удел од 48 проценти, на тркала од 18 инчи (33 проценти), односно 19 инчи (29 проценти). Алуминиумска легура и тука е стандард.

СУВ и теренците отсекогаш се издвојувале во димензиите на гумите и тркалата. Кај малите СУВ возила најчеста е ширина од 215 милиметри, со удел од 45 проценти, додека ширина 205 се вградува како стандард кај 41 проценти од возилата. Пречникот е 17 инчи, со удел од 56 проценти, алу-тркалата доминираат со 90 проценти.

Повеќето СУВ модели од средната класа излегуваат од фабрика со тркала од 18 инчи (45 проценти) со гуми со ширина 235 милиметри (34 проценти). Најголемите модели во сегментот возат дури со 20 инчи (35 проценти), додека 33 проценти имаат гуми со ширина 255 милиметри (275 mm: 25 проценти).

Уште една клучна промена кај тркалата и гумите се однесува на резервното тркало. Прво се испорачуваше тенко помошно тркало, потоа почна трендот на самовулканизирачки гуми, денес возилата се испорачуваат со кит за лепење гума. Опцијата за резевно тркало со полна големина сепак останува.

>>> Каков избор се евтините азиски гуми за сите сезони?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota Hilux

Toyota Hilux со дизел со 204 КС и дотеран нос

BMW ја подготви серијата R nineT за следната сезона

BMW ја подготви серијата R nineT за следната сезона