за

Toyota Hilux со дизел со 204 КС и дотеран нос

Култниот модел на Toyota доби нов 2,8-литарски дизел со 204 КС и 500 њутнметри.

Toyota Hilux

Тој е еден од моделите што најмногу го градеа имиџот на јапонската марка низ годините. Toyota Hilux во новото моделско годиште влегува со дизел со 204 КС, со дизајн согласно новиот тренд за пикапите да се возат како лајфстајл автомобил.

Новото моделско годиште на Toyota Hilux пристига со впечатлив преден дел и со особено моќен дизел, со комплетно нова конструкција, со четири цилиндри и зафатнина од 2,8 литри. Целта на преработката беше пикапот да добие подинамични возни својства и поголем комфор, имајќи предвид дека пикапите привлекуваат нов круг купувачи кои во овие „работни возила“ гледаат вистинска замена за некогашните цврсти теренци – и притоа не сакаат да се откажат од комфорот на лимузина. Секако дека теренските својства остануваат непроменети, а тоа значи врвни.

Во духот на новото време е збогатена и опременоста, а на купувачите им се нудат и бројни опции, што досега не беа достапни за пикапот. Воедно е проширена и понудата од моделски изведби. Со сите овие козметички промени, Toyota Hilux во исто време е вистински избор за примена како работно возило во професионални цели, но одлично одговара и за луѓе што поставуваат големи барања од возилото за користење во слободното време.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Европскиот пазар на пикапи расте постојано. Додека во 2015 година, сегментот опфаќаше 154.000 возила, прогнозите до 2023 година предвидуваат раст од околу 35 проценти, кога пазарот ќе порасне на 208.000 примероци. Најголемиот дел од овој раст доаѓа од универзалната применливост на цврстите камионети, кои многупати се докажани во службени цели, а токму тоа создава имиџ за одреден круг купувачи да посакуваат такво возило како придружник во викенд авантури или за спортски активности.

Јапонската марка со докажана издржливост има кредибилитет да го користи името Invincible за специјалната изведба на Hilux

Токму новата топ-изведба Hilux Invincible цели на кругот купувачи што ќе го користат возилото за рекреација. Во оваа престижна изведба уште повеќе се става нагласок на цврстиот изглед. Опремата е на ниво на лимузина, односно се нудат бројни ставки што се достапни за RAV4 или LandCruiser. Притоа не се жртвуваат теренските способности, кои Toyota Hilux го издигнаа до статус на најпознат пикап во светот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Од пазарниот старт во 1968 година, Toyota Hilux бил ангажиран и во експедиции до Северниот Пол, и на Исланд, и на Антарктикот, а беше и победник на Рели Дакар 2019.

Со должина од 5.325 mm, ширина од 1.900 mm и висина од 1.815 mm, новиот Hilux Double Cab Invincible е пет милиметри покус и 45 mm поширок од претходникот. Зависно од видот на кабината, товарниот простор е долг меѓу 1.525 и 2.315 mm.

Сите варијанти на кабина – единечна, продолжена и двојна кабина (Single Cab, Extra Cab, Double Cab) – располагаат со погон на сите тркала и со носивост од еден тон, односно влечат приколка тешка до 3,5 тони.

>>> Кога во Toyota работи дизел, тогаш е Hilux: Новини кај пикапот

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Топ 10 Најрасипливи автомобили според британски WhatCar

Топ 10 Најрасипливи автомобили според британски WhatCar

pirelli димензии на гуми низ историја

Како исчезна значењето на димензијата на гумите