за

Топ 10 Најрасипливи автомобили според британски WhatCar

Ценетиот магазин WhatCar објави ранг листа на автомобили со коишто сопствениците имаат најмногу проблеми.

Топ 10 Најрасипливи автомобили според британски WhatCar

Издржливоста на автомобилите во анкетата на WhatCar е оценета врз основа на реални искуства на сопствениците. Тоа прави оваа ранг листа да биде крајно веродостојна.

Некои автомобили возат со години без дефект и најмногу што имаат за поправање е замена на прегорена светилка, додека други автомобили буквално не можат да излезат од сервис и скапо ги чинат сопствениците.

Рангирањето во анкетата се базира врз одговорите од повеќе од 18.000 возачки и возачи, за дефектите што им се случиле со возилото во претходните 12 месеци. Повеќе од една четвртина од испитаниците одговориле дека имале најмалку еден дефект во периодот.

Во анкетата на WhatCar се опфатени возила стари до 5 години

WhatCar ги распредели дефектите во 15 категории, со цел подобро да се оцени тежината на дефектите: Клима, акумулатор, каросерија, сопирачки, мотор, електрика на мотор, издув, снабдување со гориво, менувач и спојка, кабина, електрика, навигација, управување, подвозје и друго. Најмногу дефекти имало во електриката што не се однесува на моторот, на што се пожалиле 24% од испитаниците.

Британскиот потрошувачки ориентиран магазин ги прашуваше сопствениците и колку време нивниот автомобил останал во сервис и колку чинела поправката. За отстранување на дефектот најчесто биле потребни меѓу 101 и 200 фунти, но има и 3% од сопствениците што платиле над 1.500 фунти.

Во анкетата се вклучени 218 различни модели на автомобили, од 31 марка. Во продолжение се Топ 10 автомобили што предводат во бројот на дефекти, во времетраењето на поправката и во цената за истата.

Почнуваме од „најиздржливиот“ меѓу најрасипливите автомобили.

10. Opel/Vauxhall Astra diesel (од 2015 година наваму)

Издржливост: 82.3%

Примероците од Opel Astra со дизел мотор имаат за 10% послаба издржливост во споредба со оние со бензински мотор. Бројот на дефекти е речиси двојно поголем. Четвртина од проблемите се однесуваат на сопирачките, а петина на моторот или менувачот и спојката. Кај третина од автомобилите било потребно подолго од една недела за дефектите да се отстранат, но барем поправките биле признаени во гаранцијата.

9. Nissan Qashqai petrol (од 2014 година наваму)

Издржливост: 82.1%

Бензинските Nissan Qashqai се незначително полоши од дизелите: 48% наспроти 42%. Проблеми со акумулаторот се појавуваат кај 24% од автомбоилите, а по 6% имаат проблеми со сопирачките и проблеми со моторот. Единствено е добро тоа што половината од случаите биле поправени во истиот ден, додека во три четвртини од случаите не било наплатено за работна рака.

8. Land Rover Discovery Sport (од 2014 година наваму)

Издржливост: 81.9%

Дури 43% од сопствениците на Land Rover Discovery Sport се соочиле со проблеми, кои се однесуваат на сите категории на дефекти, освен на управувањето. Еден од секои четири проблематични автомобили останал во работилница подолго од една недела. Повеќето од поправките не биле наплатени, но има и случаи кога за поправката било побарано над 1.500 фунти.

7. Renault Kadjar (од 2015 година наваму)

Издржливост: 81.3%

Renault Kadjar има голем број електрични гремлини. Кај 34% од автомобилите се појавиле проблеми, од кои 11% се однесувале на електриката во возилото (не на електриката во моторот). Три четвртини од автомобилите мирувале подолго од една недела. Додека работата во 75% од случаите била завршена бесплатно, некои сопственици плаќале сметки од 51 до повеќе од 1.500 фунти.

6. Ford Edge (од 2016 година наваму)

Издржливост: 80.7%

Сопствениците на Ford Edge минуваат многу време во сервисните расботилници; 45% од автомобилите имале проблем, а половината од овие случаи останале во сервис подолго од една седмица. Најмногу проблеми има во климатизацијата и електриката вон моторот (15%). Добро е тоа што сите поправки биле извршени бесплатно.

5. Range Rover Evoque (2011-2019)

Издржливост: 78.4%

Возачките и возачите на претходната генерација на Range Rover Evoque имале проблеми во 13 од 14 категории. Единствено немало проблеми во управувањето. Половината од автомобилите останале во сервис подолго од една седмица, а 10% од автомобилите морале да бидат довлечкани до сервис. Повеќето дефекти биле отстранети бесплатно, но некои поправки чинеле меѓу 101 и повеќе од 1.500 фунти.

4. Range Rover Velar (од 2017 година наваму)

Издржливост: 77.9%

Близу половина (48%) од сопствениците на Range Rover Velar имале дефекти на своето возило, со 33% од дефектите во електриката надвор од моторот. Останатите проблеми се со каросеријата, со изработката на кабината и со навигацијата. Секој автомобил бил поправен бесплатно, но половината од возилата морале да мируваат во сервис подолго од една недела.

2. Jeep Renegade (од 2015 година наваму)

Издржливост: 77.1%

Jeep Renegade е преплавен со дефекти во електриката. Половина од сопствениците пријавиле најмалку еден дефект. Повеќето од автомобилите уште можело да се возат и биле поправени во истиот ден, но една третина од сопствениците платиле меѓу 51 и 1.500 фунти.

2. Nissan X-Trail (од 2014 година наваму)

Издржливост: 77.1%

Изгледот на Nissan X-Trail не треба да наведува на погрешен заклучок. Тој не е толку цврст. Дури 39% од автомобилите имале проблеми во 11 од 14-те категории на дефекти. Половината случаи биле поправени во истиот ден, други морале да чекаат подолго од една седмица. Повеќето дефекти биле отстранети бесплатно, некои сопственици плаќале сметки до 1.500 фунти.

1. Range Rover (од 2013 година наваму)

Издржливост: ​​​​​​​69.3%

Најчестиот проблем кај Range Rover е акумулаторот, но тоа не ја отсликува вистинската ситуација со овој автомобил. Имало бројни проблеми и во останатите витални компоненти, како менувачот или во подвозјето. Отстранувањето на тие дефекти секако дека не е евтино. Половината поправки биле извршени бесплатно, една третина чинеле најмалку 1.000 фунти. Третина од автомобилите собирале прав во сервисните работилници подолго од една недела.

>>> Британски What Car со список на најиздржливи и најрасипливи модели

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Секој втор продаден СУВ-модел на Ford е Puma

Секој втор продаден СУВ-модел на Ford е Puma

Toyota Hilux

Toyota Hilux со дизел со 204 КС и дотеран нос