за

Електричната Dacia Spring вози во Кина како Fengon E1 и чини 9.500 евра

Во денешниот автомобилски свет е многу сложено да се објасни зошто Dacia Spring се продава во Кина како Fengon Glory E1. По спектакуларна цена. И тоа не е сé: Марката е присутна и во Македонија.

Dacia Spring е еден од моделите што предизвикуваат најголем интерес меѓу европските купувачи. Малечкиот СУВ вози чисто на струја и според последната продажна статистика, во ноември лани бил трет најпродаван електричен модел во Европа, по Tesla Model 3 и Renault Zoe. Околу овој автомобил сепак има уште многу приказни.

Што е Dacia Spring? Голем предизвик е веродостојно да се објасни потеклото на овој модел што се најде меѓу најголемите ѕвезди на европската автомобилска сцена. Прво, тоа не е Dacia Spring, туку е Renault Kwid. Моделот првично беше наменет за индискиот пазар, каде што почна да се продава во 2015 година. Техничката основа доаѓа од платформата CMF-A, развиена заеднички од Renault и Nissan. Прв модел врз оваа платформа беше токму Kwid.

Во 2019 година, Renault стартуваше со производство на електрична верзија на Kwid, именувана Renault City K-ZE и понудена како еден од најдостапните електрични автомобили на кинескиот пазар. Моделот се произведува во новата фабрика eGT New Energy Automotive во Кина, којашто е заедничка инвестиција меѓу Dongfeng, Renault и Nissan.

Следи делот што се однесува на Dongfeng, поточно корпорацијата Dongfeng Motor. Кинескиот гигант во своето портфолио има соработки буквално со сите автомобилски концерни. Дел од портфолиото е заедничката компанија со Sokon, позната како DFSK Motor (Dongfeng Sokon Automotive). Од оваа компанија, на македонскиот пазар ни пристигаат познатите камиони DFSK (досега се продадени далеку над 1.000 примероци), но и семејниот СУВ-модел Glory 580 со три реда седишта, купе-СУВ изведбата Glory ix5, и секако, електричниот Seres 3 со досег од преку 300 километри.

Seres 3 ни е добар познајник во редакцијата, летоска со електричниот СУВ ја извозевме репортажата по течението на Треска, од изворот во кичевско, преку Јасен, до Скопје, со само еден час полнење на батеријата во Кичево · линк до репортажата

Патничките модели на DFSK во Кина се водат под марката Dongfeng Fengguang или кусо Fengon. Овие модели во Европа ги познаваме едноставно како DFSK Glory. Веќе извесно време, во понудата на Fengon во Кина влегува и малечкиот Glory E1. Тоа е „нашата“ Dacia Spring, којашто има само неколку измени во изгледот. Погонот и целата техника се наполно идентични со тоа што европските купувачи го добиваат во електричниот Spring.

Досег од 200 километри во реални услови на возење е повеќе од доволно за класата на Glory E1 и за намената на возилото

Glory Е1 се нуди во Кина во три изведби со различно ниво на опрема. Основниот модел Glory E1 E Dynamic чини 67.800 јуани или околу 9.350 евра. Градскиот СУВ е долг 3,7 метри, широк 1,58 метар и висок 1,52 метар, тежината на празно возило изнесува 921 килограм. Електромоторот располага со 45 КС и 125 њутнметри. Забрзувањето до темпо 50 трае околу шест секунди, крајната брзина изнесува 105 km/h.

New item by Automedia MK / Google Photos

Тоа што E1 користи барабан сопирачки и на предната оска не би требало да претставува проблем кај електричните автомобили, имајќи предвид дека рекуперацијата кај нив дејствува со толкав обем што возилото при нормално возење може да запре целосно и без користење на сопирачките. Во Европа, Dacia Spring сепак има диск сопирачки напред. Багажникот располага со зафатнина од 300 литри, односно 1.107 литри.

Литиум-јон батеријата располага со капацитет од 26,8 kWh, што според старата норма NEDC е доволно за 271 километар. При користење обичен полнач (6,6 kW), батеријата се полни за околу 4 часови. Доколку стои на располагање брз полнач, тогаш за половина час се постигнува наполнетост од 30 до 80 проценти.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во основниот модел стандардно се вградуваат две воздушни перници, контрола на притисок во гумите, АВЅ, централна брава со далечинска команда и електрика на прозорци, кровни шини, дневни диодни светла, клима уред. 

Тоа е манир на кинеските прозиводители, доплата од неколку стотини евра донесува значително побогата опременост

Моделот со средното ниво на опрема се води како Glory E1 E Intelligent и чини 69.800 јуани, односно околу 9.650 евра. Опремата вклучува паркинг сензори назад, радио со средишен дисплеј од 8 инчи, блутут, USB, поврзување со телефон, онлајн навигација, говорни команди и музички стриминг, и уште низа ставки. Богатите онлајн-функции и услуги се речиси задолжителни за возачките и возачите во Кина, без разлика во која класа припаѓа возилото.

New item by Automedia MK / Google Photos

Врвното ниво е E1 E Fun, со цена од 73.800 јуани, што одговара на околу 10.180 евра. Во најлуксузната верзија на градското мини на струја се вградува уште камера за рикверц, електрика за ретровизорите, седишта во комбинација од вештачка кожа и платно, заден бришач, дигитални инструменти, еко-начин на возење, автоматски прекин на доток на воздух при загаденост. Посебна мобилна апликација исто спаѓа во обемот на врвното ниво. Тоа е многу дарежливо од кинескиот производител, но тоа одамна не е новина.

Имајќи предвид дека електричните автомобили не се туѓ терен за увозникот ABC Brother, кој веќе подолго време го има во понуда електричниот СУВ-модел Seres 3, можно е во видно време да ни дојде вест и дека Glory E1 е пристигнат во салонот на DFSK во Скопје.

Таму веќе имаат новина за македонскиот пазар, напролет се очекува да започне продажбата на Glory 500. Тоа е истиот автомобил со електричниот Seres 3, има „единствено“ разлика во погонот. Glory 500 вози со бензински мотор и со цената треба да се движи блиску до Glory 580. Новини во секој случај не недостигаат.

>>> Електричната Dacia Spring чини 12.403 € во Франција (со субвенции)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Часовници изработени од сопирачките од Peugeot 9X8

Volkswagen T-Roc prodazba

VW Tiguan повеќе не е најпродаван СУВ во Германија, туку е T-Roc