Министерот за финансии Ларс Клингбајл наскоро ќе го објави нацрт законот, за ослободувањето на електричните автомобили од данок да продолжи до 2035 година. Тоа го соопшти Максимилијан Кал, портпарол на министерството за финансии, на владината конференција за медиуми на 6-ти октомври во Берлин.
„За значително да се зголеми бројот на електрични автомобили по патиштата во следните години, мораме сега да ги донесеме вистинските субвенции,“ кажа Клингбајл, социјалдемократ и воедно вицепремиер, објави новинската агенција дпа.
Продажбата на батериски електрични автомобили во Германија порасна за 32 проценти во септември, на 45.495 возила, покажува официјалната статистика.
Ослободувањето на електричните возила од данок требаше да заврши на 1-ви јануари 2026 година. Продолжувањето на ослободувањето од данок ќе ја чини владата околу 600 милиони евра, колку што ќе достигне кусокот во државната каса до 2029 година.
Продолжувањето е донесено воочи „автомобилскиот самит“, што треба да се одржи на 9-ти октомври, во присуство на владини преставници, менаџери од автомобилската сфера и претставници на синдикатот.
Средбата ќе биде насочена кон изнаоѓањето начини, за на автомобилската индустрија да ѝ се помогне да ги надмине предизвиците, почнувајќи од кинеската конкуренција, до царините во САД и растечките цени на енергијата.
Вестите од минатиот месец, за скусувањето на производството во Фолксваген и масовното отпушање на 13.000 работници на Бош, се последните сведоштва за слабеењето на автомобилската индустрија на најголемата економска сила во Европа.
ЗФ Фридрихсхафен во минатата недела соопшти дека планира да отпушти 7.600 работници од својот огранок за електрифицирана погонска спрега, по реструктурирањето поради слабата побарувачка.
„Неопходен ни е силен пакет мерки што ќе ја води германската автомобилска индустрија во иднината и ќе ги обезбеди работните места,“ изјави Клингбајл. „Сакаме најдобрите автомобили и натаму да се произведуваат во Германија.“
Германската коалиција е поделена околу забраната за возила со МВС по 2035 година
На средбата на 9-ти октомври веројатно ќе се разговара и за рокот на ЕУ, за забрана за продажба на нови автомобили со мотор со внатрешно согорување (МВС) и дозволување да се продаваат само возила со нулта емисија по 2035 година.
Германската коалиција меѓу конзервативците на канцеларот Фридрих Мерц и социјалдемократската партија на Клингбајл е поделена околу таа забрана.
Како дел од напорите на неговата влада да му помогне на автомобилскиот сектор, Мерц во минатиот месец ја повика ЕУ да се откаже од рокот во 2035 година и место тоа да ѝ дозволи на индустријата да се движи по поумерен пат во насока на климатската неутралност.
Некои членови на СПД на Клингбајл, вклучувајќи го министерот за животна средина Карстен Шнајдер, не се најсреќни околу тој потег, но се очекува дека партијата сепак ќе даде поддршка неделава.
„Не се договоривме за заедничкиот став околу таа тема во коалицијата, но се надевам дека тоа ќе се случи набрзо,“ изјави Мерц во интервју за каналот н-тв. „Не сакам Германија да биде меѓу земјите членки што ќе ја поддржат оваа погрешна забрана.“
Видеото од тестот на електричен Рено 5 во Аутомедиа
Олаф Лис, премиер од СПД на сојузната држава Долна Саксонија, чијашто влада е втор најголем акционер во Фолксваген, во минатата седмица кажа дека е најважно да се сочуваат работните места.
„Целта по 2035 година да се продаваат само целосно електрични автомобили е нереална“, изјави Лис за германскиот весник НВЗ. „Мотори со внатрешно согорување, посебно приклучни хибриди и возила со продолжувач на досег, мора да останат и по 2035 година, а исто така мора да бидат вклучени алтернативни горива.“
















