за

Британци трета сезона ќе возат рели-куп со Defender

Defender е возило на коешто рели-патеките му се секојдневна вежба и сите предизвици изгледаaт лесно. Но, само така изгледа. Рели-купот со Defender наидува на сé поголем одзив меѓу публиката.

Натпреварувачите во рели-серијата со Defender треба само да пристигнат на местото на трката, каде што ги чека подготвено возило – откако ќе платат 150.000 фунти за возилата што специјалистот Bowler ги има подготвено со врвна експертиза.

JLR и специјалистите за подготовка на возила за теренски трки најавија дека шеснаесет тимови ќе се натпреваруваат во третата сезона на рели-купот со Defender 90. Во тркачкиот календар за сезоната 2024 се предвидени седум трки во Шкотска, Англија и Велс. Спецификацијата на возилото што е посебно подготвено од Bowler Motors сега ги исполнува и нормите за трки на меѓународно ниво, така што на учесниците во новата сезона им е оставено да решат дали ќе возат и трки надвор од купот.

За транспортот на возилата до трката, за одржувањето и сервисирањето, се грижи Bowler, така што на учесниците буквално им останува само да се појават на местото и да се сместат зад воланот.

Во погонската спрега нема дополнителни зафати. Единствено е интервенирано во системот за ладење на моторот и исто така е подобрено ладењето на менувачот. Спортски издув се подразбира. Како основа служи Defender 90 P300 SE, со дволитарски турбо бензинец со 300 КС и вртежен момент од 400 Nm. Спринтот останува непроменет, на рели-теренецот му се потребни само 6,7 секунди до темпо сто.

Теренските способности на Defender и инженерингот со којшто располага JLR се неоспорни. Тоа што ја прави посебноста на оваа тркачка серија е целосната услуга од специјалистот Bowler, со искуство стекнато меѓу другото и на Рели Дакар.

Во целиот тек на првенството, Bowler се грижи за возилото, од чување и перење, до проверка, одржување и поправка – секако со соодветен трошок. На учесниците навистина им преостанува само да дојдат на местото на трката и да се сместат зад воланот. Тој принцип на седи и вози е најпривлечното во овие времиња во коишто секој час е важен.

Пример за неколку преправки на серискиот модел, коишто влијаат врз перформансите на трка:

  • Подобрено ладење за услови на трка
  • Зголемен капацитет на ладење на менувачот
  • Спортски издув Bowler
  • Тркала Bowler од 18 инчи, полесни и зајаканти
  • BFGoodrich гуми за сите терени
  • Посебни зафати во подвозјето со преправки на помошните рамки, сменети пружини и амортизери Fox по нарачка
  • Преправка на предната горна водилка заради сменетата геометрија поради зголемената висина од подлогата
  • Тркачки волан
  • Висока позиција на вшмукување воздух

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen направи нова прераспределба на моделите по фабрики

Peugeot, Fiat и Renault со најдобра салонска услуга според полски Auto Swiat