за

Dacia Sandero Stepway прави ценовно-дизајнерски подвиг

Добриот дизајн не чини многу, но добриот дизајнер вреди многу. Цената и противвредноста не се единствените аргументи што го привлекуваат вниманието кај Dacia Sandero Stepway.

dacia sandero stepway salon

Dacia Sandero Stepway од почетокот на неделава е во салонот на Аутомотив Груп, а „светот“ веќе изгледа поинаку. Кросовер изведбата на Sandero и хит-моделот на марката, но и пошироко во сегментот, изненадува со изобилството од згодни детали, со педантно средена внатрешност и со вообичаената висока противвредност.

Многу раздвижено денес во салонот на Аутомотив Груп за Renault и за Dacia. Големи се изгледите дека ќе остане така уште подолго време, затоа што француската групација го има автомобилот за кој допрва ќе се слуша. Dacia Sandero покажа една голема вистина кај романската марка на Renault. Купувачите буквално нагрнаа откако Dacia го понуди својот пристоен и солиден Sandero во изведба како кросовер, со зголемено растојание од подлогата, со неколку стилски додатоци во насока на теренец и со вкусно изведени детали во внатрешноста. Со големи алу-тркала, исто така. Излезе дека поскапиот и поличен Sandero Stepway привлече повеќе купувачи, отколку основната моделска изведба на Sandero. Кусо, на луѓето кај оваа марка им се допаѓа противвредноста.

Sandero позира вешто од секој агол, почнувајќи уште од првиот контакт, со светлата. Тие се диодни и имаат впечатлива графика во форма на стрела. Тоа што прво го привлекува вниманието во салонот е топ-изведбата, но и има со што да привлекува. За разлика од основната изведба, во маската има хромирани ламели, името Stepway во браникот е додадено со многу љубов и исто има хромиран финиш. Кровните носачи за багаж се уште еден впечатлив елемент, па и на нив го пишува имет на моделот. Крилата се заводливо заоблени, со прецизно изведена пластична заштита на арките. Линијата тече, преоѓа од една во друга форма и прави посебна приказна, секој детал заслужува одобрување. Натписите Dacia во предните и задните светла се врв, маркава е среќна.

Внатрешноста пријавува денешен датум на производство, со голем дисплеј во средина, „раскошен“ волан, со комбинација од неколку материјали на седиштата, со портокалов штеп и со средишен гребен по арматурната табла што е обложен со истиот материјал како дел од седиштата. Во рачките на вратите исто се среќаваат портокаловите акценти, нив ги има и на отворите за воздух. Сето тоа изгледа како за многу повеќе од 13.750 евра – за топ-изведбата со ниво Comfort. Без прво да погледне во ценовникот, човек ќе процени дека станува збор за 15.000 евра. Тоа е всушност вистинското изненадување кај Sandero. Паралелно во салонот се изложени уште неколку изведби, вклучувајќи ја и основната. Додека други марки, основниот модел го кријат како змија нозе, тука како буквално да сакаат купувачите прво да го погледнат основниот модел.

Понудата стартува од 11.950 евра за Dacia Sandero Stepway со ниво на опрема Access и со мотор TCe 90. За 800 евра повеќе следи верзијата со фабрички вграден уред за автогас, со ознака 1.0 ECO-G 100. Моторот во двата случаи е познатиот еднолитарски 3-цилиндарец со турбонатполнење, со 90 КС, односно 100 КС.

Од второто ниво на опрема Essential може да се избира и комбинација со безстепен менувач со мотор 1.0 TCe 90. Комоцијата како да се вози со автоматски менувач тука чини 1.200 евра доплата.

Сериската опрема во нивото Access опфаќа предупредување и самостојно запирање при опасност од судир, патен компјутер, автоматски светла, централна брава со далечинска команда, електрика на предни прозорци, целосно диодни светла, лакирани браници и ретровизори, кровни носачи за багаж, светло во багажник, челични тркала од 16 инчи и радио.

Второ ниво е Essential и чини 800 евра над основното ниво, во комбинација со мотор 1.0 TCe 90. Ова ниво дополнително располага со темпомат, магленки, клима уред, висинско местење на возачкото седиште и поделена задна клупа. Кај Essential може да се избере и менувач CVT.

Највисокото ниво е Stepway Comfort, со паркинг сензори назад, сензор за дожд, електрика и греење на ретровизори, автоматски клима уред, висинско и длабинско местење на волан, електрика за сите прозорци со импулсна функција за прозорецот на возачот, волан обложен со вештачка кожа и хромиран дел, портокалови рабови на отвори за вентилација, украсна облога на арматурната табла, ламкирани рачки на врати, модуларни кровни носачи и мултимедиски систем со дисплеј од 8 инчи, со навигација и говорни команди.

Листата со дополнителна опрема традиционално е куса:

  • паркинг сензори напред и назад, камера за рикверц и предупредување за возило во мртов агол 500 евра
  • само камера за рикверц 450 евра
  • пристап без клуч 450 евра
  • приспособлив под на багажникот 150 евра
  • интернет врска за мултимедискиот систем, карти за Источна Европа 500 евра
  • интернет врска за мултимедискиот систем, карти за Адриатик 350 евра
  • алу-тркала 16“ Stepway Mahalia 450 евра
  • резервно тркало 150 евра
  • продолжена гаранција 5 год. /100.000 km 191 евра
  • металик боја 550 евра

Спринтот до темпо сто со мотор со 90 КС трае 12 секунди, крајната брзина е 172 km/h, градската потрошувачка изнесува 6,1 литри според фабрика. Сé комплет.

>>>> Dacia Sandero Stepway стартува со продажба во Македонија

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota 20 години го произведува Yaris во Франција

Škoda за 15 месеци произведе 100.000 батерии за хибридни возила

Škoda за 15 месеци произведе 100.000 батерии за хибридни возила