за

Dacia Sandero Stepway стартува со продажба во Македонија

Новата генерација на Dacia Sandero денес ја има својата македонска премиера, главниот нагласок секако се става на изведбата Stepway.

Dacia Sandero е една од најважните моделски новини годинава на македонскиот пазар. Романската марка на Renault напредуваше во сите подрачја, вклучувајќи и системи за асистенција и можности за поврзување. Клучна предност на моделот е погонската изведба Eco-G со резервоари за 50 литри бензин и 40 литри автогас. Sandero Stepway и во новата генерација е ѕвезда на марката – покрај Duster.

Кога Dacia Logan, како прв модел од новата генерација модели на Dacia пристигна на македонскиот пазар во раните години на милениумов, продажбата во почетокот не врвеше посебно добро. Тогашниот увозник вешто посочи на изворот на проблемот: „Пазарот премногу добро ја познава Dacia.“ Се мислеше на заостанувањето што моделите на романската марка со децении претходно го имаа зад моделите од западните марки. Во тоа време, Skoda веќе беше голема марка – повторно. Предрасудите беа посилни од квалитетите што Dacia Logan ги нудеше реално, па дури и ексклузивно. Но, доволни беа само неколку месеци, за македонските возачки и возачи, компаниите со големи возни паркови исто така, да осознаат дека Dacia нуди нешто различно и многу подобро од претходно.

Dacia денес е марка на којашто ѝ се отворени вратите на бројни пазари ширум светот. На традиционално големи и влијателни пазари, кои реално ги ценат квалитетите на возилата, како британскиот пазар, Dacia со години е хит марка, со одлични пласмани на листите на задоволство на клиентите.

Dacia Sandero повеќе е модел што им претставува трн во око на конкурентските модели, отколку што е автомобил кој допрва го бара своето место на пазарот – кусо, сам ги наоѓа своите купувачи

Dacia Sandero денес ја доживува својата премиера во салонот на марката во Скопје, како една од најважните моделски новини годинава. Класичните промоции отсуствуваат во актуелните услови околу пандемијата, тоа што ни пристига од увозникот Аутомотив Груп е педантно и обемно соопштение. Во него се зборува за „паметно инвестирање“ и „разумни трошоци“. Тоа се главните аргументи околу кои што Dacia веќе со години го гради своето пазарно присуство.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Не е претерано кога ќе се оцени дека романската марка на Renault практично си издвои еден посебен сегмент на целиот автомобилски пазар. Противвредноста на Dacia ја постигнуваат само мал број марки, веројатно само неколку модели на конкуренцијата

Новата Dacia Sandero е просторна, едноставна, безбедна и издржлива. Сето тоа е уште повеќе нагласено во изведбата Sandero Stepway, што уште во претходната генерација беше апсолутен хит на пазарот. Можеби и еден од првите чекори на пазарот во правец на достапни и симпатични кросовери. Два од секои три продадени примероци од Sandero се токму во кросовер-изведбата Stepway. Тоа важи за цела Европа, не е далеку и македонскиот пазар.

Во новата генерација, Stepway доби +41 mm во растојанието од подлогата во споредба со претходничката, и тоа сега изнесува 174 милиметри. Овој клиренс во голем дел се должи и на поголемите тркала, сега со големина од 16 инчи. Вообичаено, дел од пакетот се кровни држачи за багаж (приспособливи, носивост до 80 kg), заштита на праговите и арките, посебно стилизирани браници. Има посебни детали и во внатрешноста, со акценти во портокалова боја.

Три погонски варијанти, две бензински и една фабрички приспособена за погон на автогас

Промените се повеќе суштински во техниката, во платформата. Dacia Sandero сега се базира врз новата платформа CMF, со зголемена отпорност и цврстина, а пониска тежина. Нагласокот при развојот и кај Renault се става на намалување на емисијата на штетни материи и на потрошувачката. Сите мотори исполнуваат норма Euro 6D-Full. Понудата од мотори за кросоверот Sandero Stepway почнува со еднолитарскиот трицилиндарски турбо-бензинец TCe 90, по него следи ECO-G 100, кој е посебно интересен како фабрички подготвена верзија за погон на автогас. Во стандардната изведба на Sandero се нуди и мотор SCe со 65 КС.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Со резервоар за автогас во коритото за резевно тркало, багажникот на Eco-G е ист како кај обичниот модел. Емисијата на СО2 е за 11% пониска во споредба со бензинецот, а досегот со двата резервоари изнесува до 1.300 километри. Тоа се должи и на поголемиот резервоар за автогас, кој сега располага со 40 литри (+8 литри).

Ценовникот за Dacia Sandero почнува од 11.550 евра за средното ниво Essential и за мотор SCe 65. Во побогатото ниво на опрема Comfort, цената е 12.600 евра. Sandero Stepway дополнително се нуди и во основното ниво Access, во коешто чини 11.950 евра, во комбинација со мотор TCe 90. Верзијата на автогас стартува од 12.750 евра.

>>> https://www.dacia.mk/_STEPWAY_SANDERO/index.html

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

hyundai nexo

Британски GQ го оцени Hyundai Nexo како најдобар алтернативец

Kia Australian Open отворено тениско првенство на Австралија 2021

Kia дваесет години е дел од тениското првенство на Австралија