за

Dacia меѓу „Најдобрите марки“ во изборот на читателите на Auto Bild

Четири модели на Dacia победија во категоријата за противвредноста во традиционалниот избор на читателите на германскиот магазин Auto Bild.

Dacia меѓу „Најдобрите марки“ во изборот на читателите на Auto Bild

Големиот победник во читателското гласање за најдобрите марки што го организира ценетиот Auto Bild е марката Dacia. Романската марка на Renault уште еднаш победи во вкупен пласман во категоријата за противвредноста што се добива за парите.

Четири модели на Dacia се на првото место во своите класи во поглед на противвредноста што нивните сопственици ја добиваат за парите. Според читателите на германскиот магазин Auto Bild, најдобри во тој поглед во своите класи се Sandero, Logan MCV, Duster и Dokker.

Магазинот што своевремено имаше свое издание и во Македонија, десетти пат ги замоли своите читатели да дадат оцени за моделите во вкупно 14 сегменти, во рамките на изборот за „Најдобри марки во сите класи“. Меѓу клучните критериуми за оценување се вбројува и соодносот цена-понудено, покрај квалитетот и дизајнот.

„Кога станува збор за соодносот меѓу цената и понуденото, Dacia е прва“, оцени Auto Bild. Дури 78 проценти од анкетираните читатели на Auto Bild ја именуваа Dacia како марка со најдобра противвредност. Разликата со второпласираната марка изнесува дури 14 проценти бодови.

Во поглед на противвредноста, Dacia Sandero победи меѓу градските автомобили, Logan MCV е најдобар меѓу компактните модели. Во класата на компактни СУВ-модели победникот е Duster, додека во сегментот на компактни ванови најмногу убеди Dokker.

Вкупно петте титули на „Најдобрите марки во сите класи“ уште еднаш го потврдува одличното напредување на марката Dacia, на чувствителниот и пребирлив германски пазар. Од 2005 година, Dacia во земјата има продадено повеќе од 750.000 возила.

Во следните години, концернот Renault ќе отвори нови сегменти за романската марка. Со студијата Dacia Bigster Concept, којашто беше претставена во почетокот на годинава, Dacia влегува и во C-сегментот. До 2025 година се планирани три нови моделски серии.

>>> Dacia Sandero Stepway прави ценовно-дизајнерски подвиг

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen, Bosch и Shell развија бензин со смалена штетна емисија

Lexus награди изумител на соларен пречистувач за вода