за

Dacia ќе вградува бензинци и по 2030 година

Буџет марката Dacia ќе продолжи да продава автомобили со бензински и дизел мотори и по 2030 година, додека матичната марка Renault дотогаш целосно ќе биде префрлена на електричен погон.

dacia sandero stepway salon

Романската марка Dacia, дел од групацијата Renault, ќе вградува мотори со внатрешно согорување во своите автомобили колку може подолго, изјави извршниот директор Дени Ле Вот.

Додека марката Renault планира целосно да се префрли на електричен погон до 2030 година, Dacia ќе ја искористи можноста да продолжи со мотори со внатрешно согорување до 2035 година. Тогаш законите на ЕУ ќе бараат сите нови автомобили да имаат нулта емисија на СО2. На тој начин практично се забранува продажба на мотори што користат фосилни горива.

„Renault ќе притиска да прерасне во шампион во електричните мотори; тоа носи ризици“, изјави Ле Вот за време на презентацијата во минатата недела, во Ле Бурже, во близина на Париз. „Затоа постои Dacia. Зависно од брзината со којашто пазарот се префрлува на електрични мотори и од апетитот на клиентите, тука е Dacia. Двете марки можат да опстојуваат заедно“, додаде менаџерот на Dacia.

Dacia има само еден модел со целосно електричен погон. Тоа е мини-автомобилот Spring, којшто се произведува во Кина и учествува со 12% во нарачките за возила од Dacia. Директорите посочуваат дека марката ќе се електрифицира како што технологијата ќе станува подостапна, за да не се изгуби базата на клиенти на Dacia, коишто бараат подостапни автомобили со голема противвредност.

Малите бензински мотори, што во повеќе модели се нудат и во изведба приспособена за погон на автогас, остануваат основа на понудата на Dacia и учествуваат со една третина во продажбата на марката. Во меѓувреме, Dacia се подготвува да го понуди и својот прв модел со хибриден погон. Тоа ќе биде изведба во гамата на компактниот кросовер Jogger, што ќе стартува во 2023 година. Jogger ќе го користи хибридниот систем E-Tech на Renault, што Французите го воведоа во 2020 година.

Моделите на Dacia се продаваат и надвор од Европа, во земји во развој, коишто во повеќето случаи уште немаат поставено цели за електрификација на возниот парк. На дел од извозните пазари, место знакот на Dacia стои знак на матичниот Renault.

Renault пред една деценија беше пионер во електричниот погон, во алијанса со партнерот Nissan, но во меѓувреме ја изгуби трката, главно од моделите од групацијата Volkswagen.

Како дел од програмата за закрепнување на компанијата, Renault во следниот месец ќе го објави планот да ги издвои моделите со електричен погон, како посебен бизнис во рамките на групацијата, одвоен од моделите со мотори со внатрешно согорување.

Кинески Geely сака да го купи не-електричниот бизнис на Renault

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki Vitara во уште една хибридна изведба, врв во гамата

Должничкиот рекордер Evergrande произведува електрични автомобили