за

Dacia ќе ја зголеми маржата за 50%, моделите ќе растат

Буџетската марка на Renault, романската Dacia, ќе го зголемува профитот со тоа што ќе продава повеќе од своите поголеми возила. Електрификацијата малку ќе подзабави.

Renault очекува да постигнува уште повисока маржа со Dacia, романската марка што „нуди многу автомобил за парите“, но и марка што носи голем дел од профитот во групацијата.

Маржата на Dacia моментно изнесува 10 проценти, објави извршниот директор Лука де Мео, при претставувањето на својот стратешки план наречен „Revolution во минатата недела. Целта е до 2030 година, таа да порасне на 15 проценти. Слична висина на маржа моментно постигнуваат премиум марките од ковот на Mercedes-Benz или BMW.

Renault ја купи Dacia во 1999 година и ја користеше како база, за на пазарот да го понуди својот Logan, како модел што е конструиран и произведен со главен нагласок на ниската цена. Пред Dacia Logan да се појави на пазарот, се најавуваше дека цената на моделот во продажба ќе биде под 5.000 евра.

Logan и моделите што следеа по него, користеа постоечка технологија од Renault-Nissan, но главно имаа корист од ниските трошоци за работната сила во Романија и Мароко. Политиката на продажба на возила без попуст и нагласокот на салонска продажба, придонесоа трошоците за дистрибуција на возилата да бидат ниски, а маржата висока. Според Renault, дистрибуцијата на возилата е за 50% под просекот во Западна Европа.

Dacia е на пат да почне напад врз сегментот на моделите од компакт класата, каде што се постигнува и поголема добивка. За почеток, од годинава се нуди кросоверот со седум седишта Jogger. Компактен СУВ, со моделското име Bigster, се очекува за 2024 година, а потоа ќе следат уште два модели од компакт класата до 2030 година.

Dacia храбро ќе влезе во Ц-сегментот, каде што маржата е најмалку двојно повисока, отколку кај досегашните модели“, објаснува Де Мео, којшто Dacia ја опишува како „златната грутка“ на Renault. Toa ќе ѝ даде на Dacia шанса да го удвои профитниот пул и прометот по возило да го зголеми за 50 проценти“, додава Де Мео.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dacia Srbija (@dacia_rs)

Извршниот директор на Dacia, Денис Ле Вот, долгогодишен менаџер во алијансата Renault-Nissan, го подготви пазарното издигнување на Dacia, насочувајќи ја повеќе кон марка што нуди „противвредност за парите“, отколку само кон марка што нуди ниски цени. Тој го смени и имиџот на марката, меѓу другото со воведување каросериски бои што се повеќе во природни тонови, како и со големото бело лого „Dacia link.

Лансирањето на Jogger, од којшто се продадени над 38.000 примероци до септември, помогна Dacia да биде меѓу малкуте марки во Европа што забележија раст во продажбата во првите девет месеци од годината, во услови кога целиот пазар е 10 проценти во минус. Продажбата на Dacia во периодот порасна за 17 проценти. Уште еден модел што се продава одлично е електричното мини Spring, коешто се вбројува меѓу најпродаваните електрични модели во Европа, во повеќе од 31.000 примероци.

Идните нови модели на Dacia во компакт класата ќе го следат примерот од Jogger, којшто е изработен врз продолжена верзија на платформата CMF-B на алијансата Renault-Nissan. Помалите модели се конструирани врз платформата CMF-C/D. Со новата платформа се смалуваат и тежината на возилото и трошоците. Renault/Nissan очекува до 2030 година да бидат произведени 2 милиони автомобили врз платформата CMF-B.

По реорганизацијата во групацијатаа, Dacia ќе биде дел од групата Power, каде што спаѓаат активностите на Renault што се поврзани со мотори со внатрешно согорување. Покрај романската марка, таму спаѓаат уште матичната марка Renault, заедно со доставните возила. За разлика од спортската марка Alpine, во оваа група не се зацртува засебна линија на профит/губиток.

Компактниот кросовер Dacia Jogger што стартуваше со продажба годинава, ќе биде прв модел на марката што од следната година ќе се нуди во верзија со хибриден погон

Проблем за Dacia ќe биде да се намали емисијата на штетни материи, а во исто време да се задржат ниските цени. Spring, којшто се увезува од Кина и се произведува од еден од партнерите на Renault (Dongfeng, присутен во Македонија со марките DFSK, Seres, Fengon), докажа дека евтините електрични автомобили се популарни. Но, производството на електрични модели во Европа, значително е поскапо отколку во Кина.

Планот на Де Мео за „елеткрификација а ла Dacia“, почнува со модели со погон на автогас, по коишто следат модели со целосно хибриден погон и со 48-волтен благ хибриден погон, пред марката да стане целосно електрична по 2035 година. Dacia ќе премине целосно на електрични возила пет години по марката Renault.

Првиот модел со хибриден погон ќе биде Jogger и ќе стартува со продажба в година. Во кросоверот веројатно ќе работи првата генерација на хибридниот погон E-Tech на Renault. Втората генерација засега останува резервирана за моделите на Renault.

Dacia меѓу „Најдобрите марки“ во изборот на читателите на Auto Bild

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Австриската Пошта има 3.000 е-возила, сега уште десет возила Kia EV6

Stellantis нарачува чипови за 1 милијарда евра од Infineon