Cupra го доби првиот сопствен модел, 310 КС во топ-моделот

Cupra Formentor
CUPRA FORMENTOR

Cupra досега се базираше врз стандардните модели на Seat. Тоа се менува со појавувањето на кросоверот Formentor, којшто е прв сопствен модел на спортската подмарка на Шпанците. Најдоброто е тоа што серискиот модел личи мошне верно на студијата од лани.

Историски момент за спортската марка на Seat. Со претставувањето на кросоверот Formentor, добива смисла тоа што Cupra се издвои како посебна марка. Името доаѓа од полуостровот што се наоѓа на прочуениот туристички остров Мајорка. Изгледот јасно се двои од матичните модели на Seat.

Изгледот на Formentor е познат уште од лани, кога шпанската марка прикажа студија, како најава за идниот сериски модел. Преоѓањето од студија во сериски автомобил мина на најдобриот можен начин, затоа што Cupra Formentor само во неколку мали детали се разликува од студискиот автомобил.

https://photos.app.goo.gl/wpCyLTBxyDekEbWW6

Носот изгледа агресивно и разиграно. За разлика од Leon, првиот оригинален модел на Cupra има тркалезни магленки во предниот браник. Отстрана прво се забележуваат линијата на покривот што се спушта наназад, проширените задни крила и масивните бандажи стандардно имаат пречник од 19 инчи.

Зад предните бандажи се наѕираат перфорирани дискови со пречник од 18 инчи, секако со печат на Brembo. Со допплата, шпанската марка ќе испорача бандажите со детали во бакарна боја, којашто е заштитен знак на Cupra. Изгледот на опашот исто така останува верен на студијата, со исклучок на формата на кровниот спојлер и дифузорот што изгледа помалку агресивно. Препознатливата светлечка лента по целата ширина останува кај серискиот модел, исто како и четирите издувни цевки.

Cupra Formentor е добредојдено освежување во друштвото на стилскиот кросовер Kia XCeed и луксузниот Lexus UX

Со пропорциите, Cupra Formentor е сличен со Kia XCeed или Lexus UX. Каросеријата е долга 4,45 метри, широка 1,84 метар и висока 1,51 метар. Меѓуоскиното растојание изнесува 2,68 метри. Не останува запоставена ниту практичната страна. Багажникот нуди зафатнина од 450 литри.

Во внатрешноста исто така се препознава стилот од студијата, но има и големи сличности со ентериерот на Cupra Leon. Спортските седишта имаат штепови во бакарна боја. На спортскиот волан се наоѓаат издвоени копчиња, за стартување на моторот и за избор на режимот на возење. Дигиталните инструменти имаат пречник од 10,25 инчи (26 cm), во средишната конзола се наоѓа дисплеј на допир со пречник од 12 инчи (30,5 cm). Бакарната боја се забележува и на отворите за воздух и во краците на воланот.

https://photos.app.goo.gl/NBiP5972cUNgX8a88

Стандардната опрема на Cupra Formentor поседува приспособлива амортизација DCC и прогресивно управување, со променлив преносен однос. Навигацијата исто така се испорачува уште во основното ниво, со можност за ракување преку гестикулација и говор. За каросеријата стојат на располагање девет бои, од кои две се мат.

Под хаубата во топ-моделот работи турбо-дволитарец со 310 КС и 400 њутнметри. Погонот на сите тркала се подразбира, преносот на сила се врши преку менувач со двојна спојка. Втората погонска единица е хибрид, со комбинација од 1,4-литарскиот TSI и електромотор. Системската моќност изнесува 245 КС.

Цените за Cupra Formentor уште не се објавени, испораките ќе стартуваат во последниот квартал од годинава.

https://photos.app.goo.gl/cSPafidDM7HMaw1A7

https://photos.app.goo.gl/kDGGhR9RsmEj3JX29

Нашите тестови на кросоверите од Lexus и Kia:

По најубавите есенски рути низ Македонија со Lexus UX

Тест: Kia XCeed 1.4 T-GDI

Претходна објаваСтудија: Германија в година станува најголем производител на електрични возила
Следна објаваBMW ја најавува електричната купе-лимузина i4

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here