за

BMW ја најавува електричната купе-лимузина i4

BMW Concept i4
BMW Concept i4

BMW подготвува купе со четири врати и електричен погон, коешто ќе биде позиционирано покрај моделите со класичен погон од серијата 4. Автомобилот е прикажан како студија, но е реално да се очекува дека серискиот BMW i4 ќе се разликува само во детали.

Концептниот автомобил i4 ја најавува следната пресвртница во електромобилноста во режија на BMW. По задоволителните резултати со i3, како и со плагин-хибридните суперспортисти i8 во купе и родстер изведба, кои наскоро заминуваат од понудата на BMW, баварската марка го подготвува стартот на продажбата на купе-лимузина со електричен погон од подмарката BMW i.

Изгледот на Concept Car i4 го следи стилот на Concept 4 од ланскиот салон во Франкфурт, кој е претходница за новата генерација на серијата 4, чијашто премиера треба да се случи годинава.

Бубрезите доминираат напред и затворени се, поради тоа што електричниот погон нема потреба од воздух за ладење. Зад нив се кријат радарите и ласерите коишто овозможуваат делумно автономно возење. Светлата се тенки и директно се спојуваат со хаубата. Останува карактеристичната шема на BMW со двојни светла. Браникот исто така е целосно затворен, а отворите отстрана служат како аеродинамични елементи.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во страничната силуета се издвојуваат долгата хауба и долгото меѓуоскино растојание. Дизајнерите дополнително укажуваат на големиот простор меѓу оските, преку сината украсна лајсна под вратите. Прозорците се ниски и ја нагласуваат елеганцијата на формата на купе. Рачките се впуштени во вратите. Бандажите од 21 инчи се специјално конструирани, со нагласок на аеродинамичноста.

На повеќе места по концептниот автомобил се забележуваат различни изведби на логото на BMW. Во предните ласерски светла се наоѓа препознатливиот „пропелер“, а логото е поставено и во задните светла. Вообичаено, големите логоа напред и назад го привлекуваат погледот. Изгледот на логото е сменет и место познатиот црн прстен, тука се гледа бојата на каросеријата. Голема е веројатноста дека ова лого во иднина ќе се користи и во сериските модели.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Внатрешноста на концептниот автомобил најмногу отстапува од тоа што ќе следи во серискиот BMW i4. Неколку елементи сепак може да се очекуваат. Тоа важи за спортскиот волан со строги геометриски форми, како и за двата големи дисплеи во стилот на Mercedes. Ракувањето со функциите ќе може да се реализира преку сите вообичаени форми, од говорни команди и гестикулација, до допир и класичен iDrive. Поради просторната рационалност на електричниот погон, на задната клупа може да се очекува многу простор во серискиот i4.

New photo by Automedia MK / Google Photos

BMW има конкретни најави за перформансите и техниката на својот иден електричен модел. Батеријата располага со капацитет од 80 kWh, од кадешто произлегува реален досег до 600 километри. Електромоторот располага со 390 kW, односно 530 КС.

Производството на BMW i4 ќе стартува в година и ќе се одвива во Минхен, на иста лента со моделите од серијата 4 со конвенционален погон.

New photo by Automedia MK / Google Photos
Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Cupra Formentor

Cupra го доби првиот сопствен модел, 310 КС во топ-моделот

салон автомобили минхен

Минхен е новата локација за салонот на автомобили ИАА