за

Citroen преоѓа во режим за напад со новиот EV-модел e-C3

Шефот на Stellantis, Карлос Тавареш, им прави притисок на ривалите од Европа и Кина со градски електричен автомобил со достапна цена.

Ситроен Њу е-Ц3 се произведува во Словачка и се продава по цени почнувајќи од 23.300 евра. Во 2025 година следи модел со помал досег и цена од 19.900 евра.

Извршниот директор на Stellantis, Карлос Тавареш, уште одамна има кажано дека „слободата на мобилноста“ може да се гарантира само доколку се направи електричните автомобили да бидат достапни за најширокиот круг купувачи.

Почнувајќи од среда, новиот Citroen e-C3 ќе го нуди токму тоа, откако купувачите ќе можат да го резервираат целосно електричниот градски автомобил, со цена од 23.300 евра на големите пазари, како Франција и Германија.

Citroen e-C3 со досег до 320 километри е замислен за секојдевно користење во градски и приградски услови, и далеку е од звучната граница за 25.000 евра, за којашто Тавареш и останатите топ-менаџери на автомобилската сцена кажаа дека е неопходна за одбрана од електричните автомобили што се произведени во Кина.

Стартната цена прави силен притисок врз ривалите, главно врз Renault, којшто треба во следната пролет да стартува со продажба на градскиот модел Renault 5, исто како и со најпродаваната марка во Европа, Volkswagen, којашто во 2025 година ќе го претстави својот EV-модел со цена под 25.000 евра, со ознака ID.2.

Останатите марки на Stellantis исто така ќе почувствуваат удар од новиот e-C3. Fiat Nuova 500, како модел од мини-класата, во Франција стартува од 30.400 евра и претставува најпродаван електричен автомобил на Stellantis. Тој повеќе нема да биде најевтин електричен автомобил на концернот, затоа што Citroen C3 оди со цената 30 проценти подолу.

Fiat 600e е незначително поголем од Citroen e-C3, a чини 54 проценти повеќе од моделот на Citroen.

Сосекување на конкуренцијата

Неодамна претставениот Fiat 600e е незначително поголем од Citroen e-C3, но игра во истиот сегмент. Тој во Франција стартува од 35.900 евра, што е за 54% повеќе.

Јазот меѓу e-C3 и Peugeot e-208, чијшто ценовник стартува од 35.300 евра, само незначително е помал, односно разликата е 51 процент.

Со цена од 35.100 евра во Франција, Renault Zoe не само што е за 51 процент поскап, туку и наскоро престанува неговото производство.

Видео снимка во возење со новиот Citroen e-C3

И покрај тоа што со цената е неспоредлив, новиот e-C3 не е најевтиниот електричен автомобил што се нуди во Европа, барем досега.

Dacia Spring, произведена во Кина, се продава во Франција по цена од 20.800 евра. Со досег од 230 километри, таа е за 11 проценти подостапна од Citroen e-C3.

Spring може наскоро да му ја предаде круната на e-C3. Извршниот директор на
Citroen, Тиери Коскас, објави дека во почетокот на 2025 година ќе биде понудена „урбана“ изведба на автомобилот, што ќе стартува од 19.990 евра. Досегот ќе биде скусен на 200 километри, затоа што во таа верзија ќе се вградува помала и поевтина батерија.

Peugeot e-208 е најпродаван градски автомобил со целосно електричен погон во Европа, со повеќе од 32.000 продадени возила во првите осум месеци од годината.

Намалена е продажбата на градски електрични модели

Тавареш го пушти Stellantis во режим на напад, констурирајќи го новиот e-C3 врз платформата Smart Car на концернот, којашто е проектирана првенствено заради обезбедување ниска цена. Истата платформа ќе се користи и за модели на Fiat, Opel/Vauxhall и Peugeot.

Сега треба пазарот да покаже, дали забавениот раст во продажбата на електрични модели во градскиот сегмент е предизвикан поради цените или поради недоволниот број на модели во понуда на марките.

Статичка видео снимка од Citroen e-C3

Од јануари до август, продажбата на градски модели во Европа се зголеми за 8,8 проценти, на 1.162.094 примероци. Во исто време, продажбата на електричните варијанти се намали за 17 проценти, на 63.560 примероци. Соодветно и уделот на пазарот се смали од 7,1 проценти во истиот период лани, на 5,5 проценти годинава.

Со електричниот Peugeot e-208 пред две години извозевме репоретажа до мариовска Градешница

Само три модели сочинуваат 97 проценти од продажбата на градски модели со електричен погон во Европа: Peugeot e-208, со раст од 11 проценти и продадени 32.621 примероци, којшто води пред Opel Corsa-e, со раст од 6,7 проценти и продадени 19.274 примероци, а трет е Renault Zoe, со пад од 60 проценти и продадени 10.206 возила. Далеку на 4-то место во оваа класа е електричната Kia Soul, со продадени 1.261 возило.

Тоа се единствените електрични модели од големите марки во Европа и нема нови модели што ќе надоместат за падот во продажбата на Renault Zoe.

Тоа ќе се смени кон завршетокот на следната година, откако ќе станат достапни Citroen e-C3, Fiat 600e и новиот модел на италијанската марка врз платформата Smart Car, како и Renault 5.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Камионите на DHL во Ирска ќе возат на биометан

Toyota и партнерите: Тркачко баги со погон на водород ќе вози на Рели Дакар