за

Ситроен Ц3 Еркрос ќе се нуди и во изведба со 7 седишта

Новиот СУВ-модел на Ситроен е достапен во електрична и бензинска изведба, ја дели основата со Ц3.

Ситроен Ц3 Еркрос, СУВ-изведбата на стандардниот Ц3 е најновиот модел што е изработен врз платформата Смарт Кар на концернот Стелантис. Истата техника ќе работи и во идната Опел Фронтера.

Француската марка напаѓа во сегментот на СУВ-моделите со најдостапна цена, против Дачиа и кинески МГ, со втората генерација на Ц3 Еркрос, што ја користи новата платформа Смарт Кар на концернот Стелантис.

Новиот Ц3 Еркрос ќе почне со продажба летово, во изведба со целосно електричен
погон, како што беше случај со комбимузинскиот Ц3, и во изведба со бензински и благ хибриден погон. Главен пазарен аргумент ќе биде можноста да се нарача изведба со седум седишта, што Ситроен вели дека е првпат во сегментот.

Француската марка не ги објави цените во соопштението од четвртокот. Комбилимузинската изведба Ц3 почна да се продава лани, стартувајќи од 23.900 евра во целосно електричната изведба.

Во денешното соопштение стои дека Ц3 Еркрос има „амбиција да го раздвижи пазарот со мошне конкурентно ценовно позиционирање.“

Новиот Ц3 Еркрос е мошне близок до верзијата што почна да се продава лани на пазарите во Индија и Јужна Америка. Малечките СУВ-модели со седум седишта се барани на индискиот пазар. Ситроен во меѓувреме го најави и третиот модел врз платформата Смарт Кар, купе-СУВ моделот Базалт, иако засега уште не е поврдено дали има план за моделот да се продава и во Европа.

 

Новиот Ц3 Еркрос е за 23 сантиметри подолг од сегашниот модел и има место за седум патници

Ситроен објави дека Ц3 Еркрос е долг 4,39 метри, што е за 23 сантиметри повеќе од сегашниот модел. Повеќе подробности околу техниката нема, единствено е познато дека моделот со целосно електричен погон ќе користи поевтина батерија од 44 кВч, со литиум-железо-фосфат хемија и досег од околу 320 километри. Градска изведба со досег од приближно 200 километри и цена под 20.000 евра ќе биде достапна во 2025 година.

Сегашниот Ц3 Еркрос е во продажба од 2017 година и се произведува во фабриката на Стелантис во Сарагоса, Шпанија. Моделот е развиен во соработка со Џенерал Моторс и не е достапен во целосно електрична изведба. Лани се продадоа 61.356 примероци. Лидер во сегментот е Фолксваген Т-Рок со 194.054 продадени примероци.

Ц3 Еркрос има сличен профил со изведбата што се продава на индискиот пазар.

Жестока е конкуренцијата во долниот крај на ценовниот спектар на малите СУВ-модели. Тоа е најголемиот пазарен сегмент во Европа. Бестселерот на Дачиа, Дастер, штотуку го доби наследникот, меѓутоа почетната цена за моделот ќе остане под 20.000 евра.

Меѓу останатите конкуренти за новиот Ц3 Еркрос спаѓаат ФВ Т-Крос, Киа Стоник, Сеат Арона и Шкода Камик. Сестринската марка од концернот Стелантис, Опел, ќе продава сличен модел, Фронтера, што исто така се базира врз платформата Смарт Кар.

Меѓу целосно електричните модели во сегментот се Пежо 2008, Опел Мока и Џип Авенџер.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Алфа Ромео Јуниор во најскапата изведба чини 31.900 евра во Италија

Џили јавува за 800.000 продадени примероци од Кулреј