за

Алфа Ромео Јуниор во најскапата изведба чини 31.900 евра во Италија

Тоа е вообичаено кај премиум марките. Кога доаѓа нов модел, прво се достапни врвните изведби. Така се гради имиџот на моделот. Алфа Ромео ги објави цените за Јуниор.

Истото се случуваше со Тонале, кога Алфа Ромео го воведе компактниот СУВ во понудата под Џулија и Стелвио. Прво се купуваше верзијата Спечиале, опремена до врв, потоа следеа вообичаените изведби Спринт и Велоче. Тонале во меѓувреме е најпродаван модел на Италијанците, но не за долго. По него, мисијата ја презема Јуниор.

Сé е спремно кај миланската марка. Прво Рим не ѝ дозволи на Алфа својот несуден Милано да го крсти по градот што е меѓу симболите на Италија (затоа што се произведува во Полска), за менаџерите по два дена да најдат ново име, Јуниор. Божем нив не им беше јасно дека Рим ќе се побуни, па го немаа испланирано името Јуниор уште однапред. Нема доцнење ниту со објавувањето на цените на Алфа Ромео Јуниор.

По пример на Тонале, продажбата на градскиот СУВ на миланската марка почнува во врвната изведба Спечиале. Цената на моделот со благ хибриден погон и врвна опременост во Италија изнесува 31.900 евра. Списокот со стандардна опрема наведува 35 ставки – позначајните меѓу нив: Автоматски клима уред, амбиентално осветлување, дигитални инструменти од 10,25 инчи, пакет спојлери во мат црна боја со црвени акценти и прогресивен скудето (маската), приспособлив темпомат, електрично затворање на багажникот, сензор за дожд, паркинг сензори и камера, средишен дисплеј од 10,25 инчи, елеткрично собирање на ретровизори, кожа на волан и дополнително затемнети задни стакла.

Моторот е 1,2-литарски со турбонатполнење и 136 КС, со електромотор од 21 кВ вграден во ѕвоното на 6-степениот менувач со двојна спојка, плус стартер-генератор, плус мала батерија под совозачкото седиште. Според фабрика, просекот треба да изнесува 5,2 литри на сто километри.

Од опциите, боја брера росо со црн покрив чини 1.500 евра, спортски пакет (волан, седишта во алкантара) 2.500 евра, пакет техно (матрични диодни светла, безжичен полнач и др.) 1.500 евра, сончев покрив 1.350 евра, спортски седишта со елеткрика 2.500 евра – и со тоа завршува списокот на опции.

Батериската електрична изведба чини 41.500 евра, засега исто така достапна само како Спечиале, не вклучувајќи ги широкоградите субвенции за електрични возила на италијанската влада.

Верзиите со пониските нивоа на опременост ќе се воведуваат постепено во понудата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кинеските производители на автомобили имаат најмногу иновации

Ситроен Ц3 Еркрос ќе се нуди и во изведба со 7 седишта