за

Ситроен ќе пушти малечко СУВ-купе во продажба во Индија и Јужна Америка

Продажбата на сериската изведба на Ситроен Базалт ќе почне веќе во втората половина од годинава.

Претсерискиот примерок од Базалт Вижн е конструиран врз платформата Смарт Кар на Стелантис, истата што ја користат новите Ситроен Ц3 и Ц3 Еркрос.

Ситроен ја збогатува својата понуда од модели за Индија и Јужна Америка со малечок СУВ со изглед на купе, што ќе почне да се продава во втората половина од годината.

Француската марка на Стелантис објави фотографии од концептот Базалт Вижн, претсериска изведба од идниот модел. Ситроен не напомена дали името од концептниот автомобил ќе се користи и за серискиот модел.

Базалт Вижн е трет модел врз платформата Смарт Кар и им се придружува на новиот Ц3 и на неговата СУВ-изведба Ц3 Еркрос што се продаваат на индискиот пазар. Ситроен не објави технички детали за новиот модел. Ц3 се нуди и во класична бензинска изведба и со целосно електричен погон. Моделот што е наменет за Европа ќе се продава за помалку од 25.000 евра во електричната верзија.

Платформата Смарт Кар е конструирана во соработка со Тата Консалтинг во Индија.

Стелантис сака да изгради цврст темел во Индија, трет најголем пазар во светот, по Кина и САД. Таму сепак владејат неколку марки: Марути Сузуки држи повеќе од 40 проценти од пазарот, по него се Махиндра и Махиндра, Киа-Хјундаи и Тата.

Рено е најпродавана европска марка во Индија, со пазарен удел под 2 проценти и продадени 6.600 возила во февруари. Неделава беше објавено дека Рено во сојузот со Нисан ќе понуди четири нови модели за тие пазари.

Базалт Вишн е мал СУВ со изглед на Купе и трет модел е врз платформата Смарт Кар на Стелантис, со архитектура по принцип на „дизајнирано за трошоци“, што првенствено е наменета за пазари вон Европа.

Цитроен Ц3 и Ц3 Еркрос за индискиот пазар (за разликување се означени „Њу“) се произведуваат локално, во соработка со ЦК Бурла. Стелантис во Индија произведува и мотори. Европската изведба на Ц3 се произведува во Трнава, Словачка. Тукашниот модел има претрпено поголеми зафати, како во каросеријата, така и во внатрешноста. Французите најавија и СУВ-изведба Еркрос за Европа, меѓутоа не наведуваат датум. Новиот Ц3 кон крајот на летото се очекува и на македонскиот пазар.

Стелантис е мошне успешен во Јужна Америка, каде што е пазарен лидер со удел од 23,5 проценти и повеќе од 878.000 продадени автомобили во 2023 година.

Концернот е воедно број 1 и во Бразил, најголем пазар на континентот, со удел од 31,4 проценти, исто како и во Аргентина и Чиле.

Во почетокот на месецов, концернот најави дека до 2030 ќе вложи 5,6 милијардо долари и ќе пушти во продажба 40 нови модели за Јужна Америка.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Мото Клубот Гардијан Енџелс најавува настан за безбедноста во сообраќајот

Киа Спортаж најпродаван СУВ во Европа во почетокот на годината