Новиот Ситроен Ц-Три Еркрос има 7 седишта и опција за електричен погон

Новиот Ситроен Ц-Три Еркрос е 23 сантиметри подолг од сегашниот модел.

Малечкиот СУВ-модел Ситроен Ц-Три Еркрос во новата генерација располага со можност за нарачка на изведба со седум седишта, но и со можност за батериски електричен погон со досег од 300 километри. Еркрос вози во најголемиот сегмент на европскиот автомобилски пазар.

Ц-Три Еркрос се префрли од платформата од времето на соработката на Џенерал Моторс со ПСА што ја користи сегашниот модел, на платформата Смарт Кар на концернот Стелантис. Врз оваа платформа ќе бидат конструирани вкупно 13 модели со достапна цена од марките Ситроен, Фиат и Опел.

Меѓу конкурентите е сестринскиот модел од марката Опел, новата Фронтера, но тука се и Дачиа Дастер, што извесен период ќе се продава во двете моделски генерации, како и идниот Рено 4.

Новиот Ситроен Ц-Три Еркрос користи дизајнерски елементи од концептот Оли, вклучувајќи ја исправената предна маска.

Ситроен најави дека цената на основната изведба на Ц-Три со 1,2-литарски бензинец во Франција ќе изнесува 19.400 евра. Варијантата со благ хибриден погон и автоматски менувач ќе почнува од 25.500 евра, додека целосно електричната изведба на францускиот пазар ќе се продава по цена од 27.400 евра.

Меѓу главните промени, покрај тоа што Ситроен прв во Европа ја нуди опцијата за седум седишта (тоа е одлика што е важна на пазарот во Индија, каде што се продава поедноставна изведба на Ц-Три Еркрос), е тоа што новиот модел повеќе оди во насока на традиционален СУВ отколку што беше случај со тековниот модел, кажуваат директорите на марката. Опел Фронтера исто така ќе се нуди со седум седишта.

„Тоа е радикална промена во споредба со претходниот модел,“ кажа Тиери Бланшар, продукт менаџер за модели на Ситроен од Б-сегментот, на првото прикажување на новиот модел што неодамна се одржа во близина на Париз.

Ситроен Ц-Три Еркрос има 200 милиметри растојание од подлогата.

Со 4,39 метри, новиот Ц-Три Еркрос е 23 сантиметри подолг од сегашниот модел. Меѓуоскиното растојание е големо, за да може да се изведе доволна ширина на задните врати, за пристап до третиот ред седишта. Во последниот ред се поставени две соборливи седишта, што повеќе се наменети за деца, но и возрасни лица доколку не се патува подолго, додаде Бланшар.

Во сегментот на малечки СУВ се нуди изобилство од модели со целосно електричен погон. Овие моделски изведби сепак учествуваат со само 6 проценти во вкупната продажба во сегмнентот.

На малечките СУВ им припаѓа најголемиот пазарен сегмент во Европа, со продадени 795.643 возила до април, што е зголемување од 9,2 проценти во споредба со истиот период лани. Најпродаван модел е Тојота Јарис Крос, со продадени 65.697 возила до април. Во истиот период, Ситроен продаде 25.099 Ц-Три Еркросови.

Ситроен го смени дизајнот на Ц-Три Еркрос. Проекциски дисплеј ги прикажува информациите на лента што е поставена долу пред ветробранот. Во поскапите изведби се вградува средишен дисплеј од 10,25 инчи. Во основните модели има држач за мобилен телефон, во замена за голем дисплеј.

Основната изведба вози со 1,2-литарски трицилиндарец со 100 КС. Верзијата со благ хибриден погон располага со 48-волтен стартер-генератор и постигнува 136 КС.

Моделите со целосно електричен погон користат електромотор од 83 кВ, со батерија ЛФП (литиум железо фосфат) од 44 кВч, производ на Сволт. Досегот е околу 300 километри. Во почетокот на 2025 година ќе се понуди изведба со поголем досег (400 км) и батерија од 54 кВч.

Надворешниот дизајн на Ц-Три Еркрос повеќе е насочен кон СУВ отколку што тоа беше случај со сегашниот модел. Исправената маска е инспирирана од концептот Оли, додека високата и рамна хауба е одлика и на Ц-Три. „Сé е ново во споредба со сегашниот Ц-Три, малку е покоцкесто, малку поцврсто,“ кажа Антоан Гаљо-Древон, дизајнер за надворешност. „Сакавме да постигнеме поцврста става и пообемни, богати форми на прв поглед.“

Едно несекојдневно патување со сегашниот модел, по земјениот пат од Извор до Прилеп

Citroen C3 Aircross ја има вградено авантурата: По стариот пат од Велес за Прилеп

Претходна објаваНовиот БМВ Икс 3 со најсилниот 6-цилиндарец вграден во М-Перформанс модел
Следна објаваМајската продажба во ЕУ без раст, народот чека поевтини електрични автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here