БМВ го најавува новиот Икс 3 како поспортски, повпечатлив и поразновиден од досега, „мултиталент за секојдневието, слободното време и за патување“. Тоа е најпродаваната моделска серија на БМВ.
Од марките што најмногу се потпираат на традицијата и на препознатливост, денес се бараат најголемите промени. Тоа е светот на спротивностите во којшто опстојуваат премиум марките, во времето на дигитализација, електрификација, автоматизација. Новиот БМВ Икс 3 изгледа вака и создаден е вака, затоа што светот денес го бара тоа.
Сменети се тежиштата на вниманието кај четвртата генерација на БМВ Икс 3. Дизајнот место со спортска агресивност и моќ сега зрачи со „динамична елеганција“, но затоа внатрешноста е „дизајнирана прогресивно“. Умерено надвор, радикално сменето внатре. Тоа оди заедно со напреднатата дигитализација во кокпитот и со нов оперативен систем 9.0. Порано компјутерите дома имаа оперативен систем, сега автомобилите го имаат.
Каросеријата изгледа како да е изделкана од карпа, како монолит. Впечатлив момент е тоа што задната врата е дел од арката околу задното тркало. Должината на новиот Икс 3 е зголемена за 34 милиметри, на 4.755 милиметри, плусот во ширината е 29 милиметри (1.920 милиметри), но затоа висината е смалена за 25 милиметри и сега изнесува 1.660 милиметри. Со зголемена ширина на трагата на предната и задната оска се нагласува впечатокот дека автомобилот цврсто стои на земја.
Вниманието е во деталите. Главното обележје на БМВ, бубрезите, добија спој од вертикални и хоризонтални лајсни што. Такво нешто досега се нема случено. Со доплата може да се добие „иконик глоу“, осветлена рамка околу бубрезите.

Графиката на предните светла ја сочинуваат две линии во форма на Г, едната за дневните, другата за позициските светла. Опција се матрични диодни светла со сини детали.
Колку што страниците се мазни, толку праговите долу се повеќе издадени, како контраст. Друга одлика на страничната силуета е линијата на покривот што се протега речиси до целата должина на возилото. Арките на крилата се нагласени различно од досега. Разлика има и во начинот на којшто задното стакло е вклопено во каросеријата. Издувните цевки се сокриени, освен кај Икс 3 М50 икс-Драјв. Задните светла се раскошно димензионирани, нема сомнежи дека тие ќе бидат главниот магнет за погледите. Тркалата стандардно се со големина од 18 инчи, може да се избираат тркала до 21 инчи.

Во кокпитот, главниот збор го имаат заоблените инструменти, интеракциската лента – односно светлечката лента по цела ширина што може да направи вистинско шоу од бои и шари – потоа е тука воланот што е зарамнет долу и бирачот на степен за возење што доби нов дизајн.
Новина се светлечките елементи во средишната конзола и во вратите, што двојат со бојата. Во нив се опфатени копчињата, отворите за воздух и дебелите рачки на вратите, што се својствени за Икс. Багажникот стандардно нуди 570 литри (460 кај хибридниот 30е), со соборување се доаѓа до 1.700 литри. Седиштата се нови, со спортска форма, стандардно со електрично местење и греење.

Значително продолжен досег кај хибридниот модел
Изведбата со приклучен хибриден погон Икс 3 30е икс-Драјв соединува 2,0-литарски бензинец и електромотор што е вграден во 8-степениот автоматик. Системската моќност изнесува 299 КС. Досегот е зголемен на 81 до 90 километри, зависно од режимот. Во хибридниот Икс е вграден сопствен полнач од 11 кВ.
Тоа што повеќе ги засега фановите на БМВ, секако е врвниот модел М50 икс-Драјв, со најсилниот 6-цилиндарец што Минхен досега го има вграден во М-Перформанс модел – семејството модели што ја премостува стандардните и вистинските М-модели. Трилитарецот е изведен како 48-волтен благ хибрид, постигнува 398 КС и располага со 8-степен автоматик. Спринтот трае 4,6 секунди.

Тука се стандард М спортско подвозје со варијабилно спортско управување, М сопирачки, тркала од 20 инчи и блокада на задниот диференцијал. Опција е приспособливо подвозје, со електронски регулирани амортизери.
Останатите погонски варијанти исто така се изведени како 48-волтен благ хибрид. Дволитарецот во Икс 3 20 икс-Драјв постигнува 208 КС. Спринтот трае 7,8 секунди. Неговиот дизел пандан доаѓа до 197 КС. Дизел со 6 цилиндри пристига в година.

Возната динамика секако дека е подигната за уште едно скалило, благодарение на олеснетата и во исто време скрутена каросерија, како и проширената трага на заедната оска. Со зафати во кинематиката на двозглобното водење на предните тркала и на задната оска со 5 водилки, Икс 3 попрецизно се мести на влез во свијок.
Стандардната опрема е збогатена значително, со тризонска клима, стакла со звучна изолација, пристап без клуч, автоматско отворање на багажникот, електрично собирање на ретровизорите, аларм и онлајн-навигација. Амбиентално светло е стандард, безжичен полнач за телефон исто така.
Производството ќе се одвива во фабриките во Спартанбург, САД, и во Рослин, во Јужна Африка. Новиот модел може да се очекува во салон во последното тромесечје годинава.
Цената за хибридниот модел во Германија изнесува 66.000 евра, бензинецот чини 57.900, за дизелот треба да се смета со 60.400 евра. Топ-моделот М50 чини 82.500 евра.
















