Единствениот Фолксваген што е подобар од Голф, Тигуан во трета генерација

На Фолксваген со неговите 19 модели со сите видови погони веројатно му е поедноставно да се приспособи на промените што ги носи времето. „Електромобилноста за жал нема да се случи толку брзо, среќа е што ги имаме моторите“ кажа генералниот директор Златко Муцунски на денешната важна премиера на Тигуан во салонот на Порше Македонија.

Сите три генерации на Фолксваген Тигуан доживеале премиера во Порше Македонија, и првата 5Н од 2007 година, и втората АД1 од 2016 година, а сега и третата генерација, со фабричка ознака ЦТ. Со рутина што е пријатна за гледање, тимот во средата го поздрави пристигнувањето на третото колено на Тигуан на македонскиот пазар.

Цел салон посветен на моделот, што некогаш беше блиску до Голф и во основата претставуваше негова СУВ-изведба, а денес е модел што оддава многу поголема зрелост и отменост, повеќе мини Туарег, отколку макси Голф. Така е очигледно дека на поршевци ова им е празник. Погодок во сржта на Фолксваген.

Генералниот менаџер Златко Муцунски почна од стратешките гледишта, од важноста на Тигуан за стратегијата на концернот, на марката, на увозникот. „За жал, електромобилноста нема да се случи толку брзо колку што очекувавме. За среќа, ние ги имаме моделите со мотори со внатршено согорување како втор, ако не и прв носечки столб“.

Директорот секако дека има кредибилитет да зборува за електромобилноста, затоа што во изминативе години има вложено најмногу ангажман во тим и во средства, за возењето на струја – и не само возењето – да почне да функционира во Македонија. Забавувањето на електромобилноста, што главно доаѓа од западот, нема да ги поколеба Фолксваген. Во која насока и да продолжи трендот, германската марка и концерн се поставени добро.

Тигуан во почетокот се нуди со бензинец со благ хибриден погон и со дизел. Подоцна ќе се придружи и изведбата со приклучен хибриден погон, којашто посебно ќе си ја доживее својата премиера во Порше.

По стратегијата, најважни се техниката и технологијата. Тоа е поглавје што традиционално му припаѓа на Александар Цветковски, бренд менаџер за марката Фолксваген. Тој повеќе стави нагласок на подвозјето, односно на системот ДЦЦ Про, за приспособлива работа на амортизацијата, со којашто се постигнува најдобрата рамнотежа меѓу висока возна динамика и крстосувачки комфор.

Новиот Тигуан вози брзо исто колку што вози удобно. Меѓу останатите технологии што се издвојуваат кај Тигуан, констуриран врз унапредена платформа МКуБ, спаѓаат новиот говорен асистент ИДА (има и вештачка интелигенција), автоматско паркирање и отпаркирање од оддалеченост до 50 метри или седишта со пневматска масажа, што се познати од Туарег. Од врвниот СУВ доаѓаат и новите матрични диодни светла со висока резолуција.

Најважниот збор, кога се работи за сите можни конфигурации и сите опции што стојат на располагање околу секој нов модел на марката, го има Камелија Кец, продукт менаџерка за марката Фолксваген. Главното внимание при презентацијата на новиот Тигуан, специјалистката за моделската понуда на ФВ го насочи кон изведбата Р-Линија, на којашто воедно ѝ припадна и средишното место во салонот голем колку половина фудбалско игралиште.

Оваа моделска изведба, со нагласок на спортската нота, го заокружува моделското семејство на СУВ-моделот, со цена од 58.907 евра, за 2.0 ТДИ со погон на сите тркала и 193 КС. Почетокот на гамата е значително пониско, со 42.903 евра за изведбата со бензинец со благ хибриден погон и 150 КС. Мануелен менувач не постои, сé е менувач со двојна спојка, па затоа и гамата стартува со цена што понува со четворка, место како претходно со тројка.

Покрај 1,5-литарскиот еТСИ со 150 КС, понудата од погонски единици ја сочинуваат дизел со 150 КС и дизел со 193 КС, којшто секогаш доаѓа во комбинација со 4Моушн.

Четири нивоа на опрема стојат на располагање: Лајф и Лајф Плус, Елеганс, и Р-Линија. Опременоста е примерна, па повеќе и луксузна.

Стандардни ставки во почетното ниво Лајф:

ЛЕД предни и задни светла
Осветлени рачки на врати
Кровни шини
Тркала од лесен метал од 17 инчи
Кожа на волан
Потпирач за рака напред
Надолжно местење на задна клупа, местење по агол
Дигитални инструменти
Амбиентално осветлување
Патосници
Систем за задржување лента
Предупредување за возило во мртов агол
Самостојно запирање при опасност од удар во пешак или велосипедист
Асистент за крстосница
Камера за знаци
Стартување без клуч
Тризонска автоматска клима, со активен филтер
Приспособлив темпомат
Паркинг сензори напред и назад
Задна камера
Асистенција за долго светло
Сензор за дожд
Ретровизори со електрично собирање
Избор на програма за возење
Средишен контролен дисплеј од 32 сантиметри
Поврзување со телефон

Претходна објаваТест · Тојота РАВ4 Плагин Хибрид · Најштедливиот спортски автомобил што вози по терен
Следна објаваНовиот БМВ Икс 3 со најсилниот 6-цилиндарец вграден во М-Перформанс модел

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here