за

Citroen одбележува 40-годишнина од премиерата на BX

Наследникот на GS и претходник на Xantia и самиот напиша важно поглавје во историјата на Citroen.

Франција отсекогаш се гордеела на своите автомобили, па така беше и пред близу 40 години, кога новиот модел од средната класа Citroen BX ја имаше својата премиера под Ајфеловата Кула.

Главното место на сите активности на марката Citroen во претстојната недела е Салонот на историски модели Ретромобил во Париз. На овој традиционален и светски забележан настан, Citroen меѓу другото ќе одбележи 40 години од премиерата на BX. Секако дека не е случајност тоа што публиката на Ретромобил првпат ќе го види и новиот Citroen C5 X, наследник на BX. Верно на духот на времето, C5 X е кросовер и го надградува тоа што светот го доживеа претодно во актуелниот C4.

BX уште од самиот момент на премиерата, со начинот на којшто моделот беше претставен пред светот, докажа дека е исклучителен автомобил. Дизајнот беше нешто сосем ново, а тоа се совпаѓаше и со напредната конструкција на францускиот автомобил. Наследникот на GS првпат се појави пред светот паркиран директно под Ајфеловата Кула, на 23-ти септември 1982 година. Една недела подоцна, BX повторно се појави пред публиката, како една од ѕвездите на 69-от Салон на автомобили во Париз.

Произведуван во фабриката во Рен во Бретања и во Виго, Шпанија, Citroen BX до јуни 1994 година се продаде во повеќе од 2,3 милиони примероци

За дизајнот на каросеријата, Французите го ангажираа италијанскиот специјалист Bertone. Легендарниот Марчело Гандини создаде уникатен изглед, што во многу нешта отстапуваше од вообичаените стилови во тоа време, но пак не се доживуваше како ексцентричен дизајн.

New item by Automedia MK / Google Photos

Со практична петта врата, во комбилимузината долга 4,23 метри комотно се сместуваа до петмина патници. За комфорната амортизација беше задолжен специјалитетот на Citroen, хидропневматската суспензија. Арматурната табла го следеше примерот од престижниот CX, вклучувајќи ги сателитите што беа сместени странично од воланот и овозможуваа ракување со најчесто користените функции без потреба дланките да се поместуваат од воланот. Уште една посебност беше брзиномерот со заднинско осветлување.

Првата серија користеше 1,4-литарски мотори со моќност од 62 и 72 КС (BX 14, BX 14 E/RE), како и 1,6-литарец со моќност од 90 КС (BX 16 RS/TRS). Со овие мотори, францускиот автомобил постигнуваше пристојни перформанси, а имаше и основа за тоа. За каросериските додатоци се користеа лесни и напредни композитни материјали, на пример браниците, хаубата, задниот поклопец, прозорците во задните столбови. Најлесната варијанта на вага имаше само 885 килограми.

Во дванаесетте години на BX на пазарот, постојано се случуваа новини и промени, на пример со воведувањето на комби-изведбата и на комерцијалната изведба. Во 1987 година следеше обемен фејслифт. Спортските изведби постојано ја придружуваа гамата на BX. Голем спектакл беше BX 19 GTi 16V со 160 КС и крајна брзина од 220 km/h, претставен во 1987 година. Не отсуствуваше и изведба со постојан погон на сите тркала. Ограничена серија од 200 примероци беше произведена во 1985 година под моделската ознака BX 4 TC, како хомологациска основа за рели-болид во прочуената и озлогласена B-класа. Со 2,2-литарец со 200 КС, екстремниот BX спринтуваше до темпо сто за 7,5 секунди.

Вообичаено за француската марка, од BX постојано се појавуваа специјални серии, под имињата Tonic, Image, Calanque, Leader. Денес на сцената е посебно барана верзијата Digit со целосно дигитални инструменти.

Салонот Ретромобил почнува на 16-ти март и трае до 20-ти март, во халата 7.3 на Paris Expo Porte de Versailles.

Citroën го електризира возниот парк на остров во Грција

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes-Benz гради фабрика за рециклирање батерии

Германски Билд: На каса ќе се одбива сума од сметката за гориво