за

Mercedes-Benz гради фабрика за рециклирање батерии

Во фабриката на Mercedes-Benz за рециклирање батерии близу Шварцвалд, првпат во Европа ќе се применува хидрометалургија, за 96% искористеност на материјалите.

Моќен автомобилски концерн, врвни научни капацитети, специјализирани компании за развој и примена на висока технологија, партнери од цел свет, се здружуваат во фабриката што Mercedes-Benz ќе ја пушти во работа во 2023 година. Германската држава има посебен фонд за поддршка на производството на батерии за електрични автомобили.

Во Mercedes-Benz има ново основно правило: Сé мора да биде одржливо. Производството мора да биде неутрално во однос на СО2, гамата од модели во многу скоро време ќе ја сочинуваат исклучиво електрични автомобили, а заедно со тоа оди и целосно заокружување на искористувањето на суровините, по пат на рециклирање. Со посебна стратегија ќе се обезбеди батериите од електричните автомобили да се рециклираат во рамки на глобално организиран синџир.

Во Германија ќе се гради сопствена фабрика на Mercedes-Benz за рециклирање батерии, по пат на хидрометалургија. Со партнери од областа на високата технологија во Кина и САД ќе се работи на заокружување на примената на суровини, преку рециклирање на батериите.

Фабриката ќе се гради во гратчето Купенхајм, коешто локално е познато како „влез во долината на Мург“ во Шварцвалд. Во неа ќе се рециклира со ефикасност од преку 96 проценти. За фабриката ќе биде задолжена Lilucar GmbH, компанија што Mercedes-Benz наменски ја основаше за таа цел. Во изградбата ќе учествува Primobius, заедничка компанија на германската SMS group и на австралискитe проектанти Neometal.

Тоа се технолошки компании што располагаат со богато искуство што е неопходно за рециклирањето на батериите. Целиот овој потфат ќе добие научна поддршка од Институтот за технологија Карлсруе, како и од Техничките Универзитети Клаустал и Берлин. Производителот на автомобили има поднесено барање до германското сојузно министерство за економија и заштита на климата, за проектот да се субвенционира преку програмата за иновации во батериската техника.

Mercedes-Benz вложува двоцифрен милионски износ во истражување и развој, како и во изградбата на фабриката што ќе работи неутрално во однос на СО2. Високата квота на повраток на материјалот од преку 96 проценти се постигнува со помош на патентираната технологија на хидрометалургија. Ова е првпат технологијата да се користи на европска почва во рециклирањето.

Тоа ќе биде првата фабрика во Европа, во којашто ќе се користи хидрометалургија во процесот на рециклирање

Капацитетот на пилот-фабриката изнесува 2.500 тони годишно. Материјалите што ќе се вратат преку рециклирањето (кобалт, никел, литиум, а во иднина и графит) понатаму ќе се користат во производството на повеќе од 50.000 батериски модели, што ќе се вградат во моделите од електричната подмарка Mercedes-EQ. Искуствата од оваа пилот-фабрика ќе се користат во следните фабрики во рамките на концернот.

Mercedes започна изградба на фабрика за батерии

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Лимузините на Volvo се поддотераа за новото моделско годиште

Citroen одбележува 40-годишнина од премиерата на BX