за

Тркачки CD Peugeot од 1966 година вози викендов на Леман Класик

Уште една меѓустаница до големото враќање на Peugeot во трките во издржливост. Тркачки CD Peugeot SP66, што пред повеќе од половина век возеше на 24 Часа Леман, викендов ќе учествува на Леман Класик.

Како згодна најава за големиот старт на Peugeot 9X8 во трките во издржливост, на изданието на легендарниот Леман, во коешто учествуваат историски автомобили, викендов ќе се појави CD Peugeot SP66. Овој автомобил учествуваше на 24 Часа Леман во 1966 година.

Пред стартот на хиперавтомобилот Peugeot 9X8 на 6 Часа Монца, на 10-ти јули, со што ќе се одбележи враќањето на Peugeot во трките во издржливост, марката со лавот го пушта CD Peugeot SP66 од 1966 година да учествува на Леман Класик. Овој автомобил своевремено го привлече вниманието на сцената на мотоспортот со различниот пристап во аеродинамиката и со користењето речиси стандарден мотор на Peugeot. Иновациите во аеродинамиката и користењето техника што е блиска со сериските автомобили се одлики и на хиперавтомобилот 9X8.

CD PEUGEOT SP66 е плод од соработката меѓу Чарлс Дојч (CD), инженер и производител на автомобили, и Peugeot. Дојч во 1961 година започнал да развива спортски автомобил, што ќе може да се вози и на трка, но и во секојдневието. Неговата цел била да учествува на најпрестижната автомобилска трка во светот, на 24 Часа Леман.

1966: Иновативна аеродинамика, мотор од сериско производство

Способен како инженер и пионер во аеродинамиката, Чарлс Дојч барал соодветен мотор да својот автомобил. Тој се обратил до Peugeot, каде што добил поддршка. Марката со лавот му обезбедила комплетно нов мотор од моделот 204, кој штотуку стартувал со продажба. Дојч добил на располагање 105 КС од моторот од 1.130 сантиметри кубни. Со таа моќност, SP66 можел да постигнува брзини до 250 km/h. Заслуга имала и ниската тежина, од само 760 килограми. Секако дека и двете исправени перки на опашот давале придонес за постигнувањето фантастички перформанси.

Чарлс Дојч пуштил три CD PEUGEOT SP66 да стартуваат на 24 Часа Леман во 1966 година. Спектакуларниот изглед и пионерскиот инженеринг му донеле голема слава на необичниот тркачки автомобил. Меѓутоа, ниту еден од трите автомобили не ја мина целната линија: Две возила беа оштетени во судири, додека третото возило имаше дефект на спојката. Токму последниов примерок е дел од историската збирка на модели на Aventure Peugeot.

Историскиот Peugeot на Леман Класик 2022 ќе го возат новинарите Етиен Брует и Томас де Шесе

Боите на Peugeot во светското првенство во издржливост ќе ги брани Peugeot 9X8, во којшто се присутни неколку од начелата на SP66. Тоа се однесува, на пример, за аеродинамиката, затоа што новиот хипервтомобил Anno ’22 не користи масивен заден спојлер, а се однесува и за техниката, затоа што според правилата на WEC, во хиперавтомобилите се користи техника што е блиска до сериското производство. Најбрзата „осумка“ на Peugeot ќе ја следиме на 10-ти јули, на 6 Часа Монца. В година, марката со лавот ќе учествува на сите трки во првенството, вклучувајќи го 24 Часа Леман. Peugeot годинава мораше да го пропушти возењето на Леман, затоа што тестирањето на 9X8 уште не беше завршено во декември, кога се поднесуваат пријави за најолемата трка во светот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Додека во SP66 пред повеќе од половина век работеше мотор од „204, сега е обратна ситуацијата. Развојните прототипи од 9X8 послужија како пробно поле за сериски модел – приклучниот хибриден погон што работи во спортската лимузина Peugeot 508 PSE, во голем дел е конструирана со примена на искуствата од тркачкиот хиперавтомобил. Хибридот во PSE постигнува 360 КС, а воедно може да извози 42 километри чисто на струја, без грам СО2.

New item by Automedia MK / Google Photos

Вредна информација за фановите. Непрофитната асоцијација L’Aventure Peugeot Citroën DS: www.boutique-laventure-association.com е добра адреса за сопствениците да се обратат за помош и совети околу историските модели на марките на групацијата.

Хиперавтомобилот Peugeot 9X8 ќе вози на 6 Часа Монца во јули

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Корејска челичарница е можен нов сопственик на SsangYong

Големо наддавање за последниот часовник во Тото Волф-серијата на Шафхаузен