за

Bugatti Chiron за 350.000 долари, малку изгорен

Примерок од ексклузивна серија од модел што и самиот е повеќе од ексклузивен, по цена што важи како дисконтна во тој дел од автомобилскиот свет.

Четири милиони евра за најбрзиот Bugatti

На онлајн-берза во САД се нуди две години стар Bugatti Chiron Sport по цена од 350.000 долари, односно околу 300.000 евра. Тоа на многумина ќе им изгледа како вообичаена понуда за таков автомобил, но познавачите веднаш ќе реагираат дека станува збор за автомобил што вреди најмалку три милиони. Малку е изгорен.

Мануфактурата за автомобили од најпрефинет вид и во најмала серија, сместена во францускиот Молсхајм, во регионот на Алзас што граничи со Германија, испланира од Bugatti Chiron Sport да изработи само 500 примероци. Поголемиот број возила од мини-серијата веќе им се испорачани на сопствениците. Нов примерок чини три милиони евра, но толку чини и стар примерок од серијата што стартуваше пред пет години. Сепак е престиж да се влезе во листата на клиенти на Bugatti, a за тоа не решаваат секогаш „само“ парите.

Невозможно е да се најде Bugatti Chiron Sport под три милиони евра, меѓутоа секогаш постојат исклучоци. Во САД се нуди примерок од Chiron Sport на вебстраницата за наддавање Copart, по сензацонално ниска цена. Секако, цената од моментно 346.000 долари е ниска само во подрачјето на цени во коешто се тргува на ексклузивниот пазар на Bugatti & Co.

Причината за ниската цена на Bugatti Chiron Sport од 2019 година се гледа и на фотографиите во огласот. Автомобилот има поминато само 2.175 милји, што одговара на околу 3.500 километри. Но, скапоцениот автомобил со 1.500 КС има претрпено пожар. Возилото било оштетено летово и истото било во сопственост на доминиканскиот рапер Ел Алфа. Постојат сомневања дека пожарот бил подметнат, но пожарникарите пристигнале брзо и спречиле целото возило да биде опфатено во оган.

Од тоа што може да се види на сликите, Chiron не е многу оштетен. Најголем проблем се предното десно крило и дел од хаубата. Пожарот ги зафатил и предниот кровен столб, и вратата. Десното светло е делумно стопено, страничното стаклото е оштетено, а има и голема пукнатина во возачкото седиште.

Според наведеното во огласот, 8,0-литарскиот мотор W16 е во беспрекорна состојба и возилото е „пали вози“. Покрај вредноста на „нормален“ примерок од моделот од преку три милиони евра, не би требало да претставува проблем да се вложи и половина милион евра за опожарениот Bugatti да се поправи.

Наддавањето уште е во тек, сосем е извесно дека вредноста ќе расте.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Салонот на Lexus на бриселскиот аеродром повторно најдобар во Европа

Mercedes CLA со дизајн на Славче Таневски во Германија попродаван од C-Class