Необични пресвртници се случуваат на автомобилската сцена. Mercedes C-Class важи како еден од столбовите на продажбата на марката со сребрената ѕвезда. Но, класичниот лимузински модел во минатиот месец бил престигнат на германскиот пазар од една лимузина што има помал пазарен стаж, од CLA. Дизајнот е меѓу главните адути на стилската купе-лимузина, а тој носи потпис на Славче Таневски, македонски дизајнер во Mercedes-Benz.
Тоа можеби не е главна вест за германските медиуми, но за нас на автомобилската сцена во Македонија, една пресвртница во продажбата на Mercedes-Benz во Германија нé засега особено. Купе-лимузината CLA во септември постигнала повисока продажба на германскиот пазар, отколку „класичарот“ C-Class. Со вкупно 1.499 примероци во септември, CLA била трет најпродаван модел на Mercedes на најголемиот автомобилски пaзар во Европа. Единствени модели под сребрената ѕвезда што се продавале подобро се Mercedes GLC со 2.105 примероци и Mercedes ML-Class со 1.648 примероци.
Во oвој состав на победничкиот пиедестал, CLA е единствен не-СУВ модел. Купе-лимузината што е конструирана врз платформата на A-Class ни е посебно значајна во Македонија, затоа што нејзиниот дизајн е потпишан од Славче Таневски, дизајнер што летоска одбележа десетгодишнина на својата работа во Mercedes-Benz. Изгледот на купе-комби изведбата CLA Shooting Brake исто така е дело на нашиот дизајнер, на кого што Македонија се гордееше кога тој лично го претстави новиот модел пред светот, на светската премиера на салонот во Женева во 2019 година.

Таневски го дизајнираше автомобилот во САД и во тогашното интервју ни посочи дека инженерите биле поведени за дополнително да ја зголемат ширината на трагата на предната и задната оска од првично проектираната, за да не се изгубат совршените пропорции во оригиналните форми на неговиот дизајн, што прават CLA да има препознатлива става од секој агол. Тоа го потврдуваат и бројките. Додека комбилимузинскиот Mercedes A 200 има ширини на трага 1.567/1.547 милиметри, кај Mercedes CLA 200 Coupe вредностите се 1.612 и 1.602 милиметри, соодветно напред и назад.

Вкупно во првите девет месеци, C-Class сепак котира повисоко од CLA Coupe и CLA Shooting Brake, со 17.617 примероци, односно 14.470 примероци соодветно. Прв е GLC, веднаш по него следи A-Class, вклучувајќи ја и нејзината лимузинска изведба.
>>> Новиот Mercedes C-Class најдетално: Електромотор во сите погонски изведби
Кога веќе тема е продажбата на моделите на Mercedes-Benz во Германија, (за надвор од земјата) неверојатно деталната статистика овозможува да се добие целосен преглед на распоредот на силите на одделните моделски серии на марката со ѕвезда.
Од вкупно продадените 14.470 примероци од купе-лимузината CLA Coupe и купе-комбито CLA Shooting Brake до септември, дизел мотор користат 2.546 примероци (17,6%), двојно повеќе примероци располагаат со приклучен хибриден погон (5.230 возила, 36,1%), а во варијанта со погон на сите тркала 4Matic возат 2.144 примероци (14,8%).
За претстојната недела е најавена голема премиера, Mercedes-Benz ќе ја претстави новата генерација на родстерот SL, еден од моделите со највредна и најдолга традиција во историјата на Штутгарт. На 28-ми октомври, четврток, во 16 часот, ќе дознаеме и што има Славче Таневски да каже за новата генерација на Mercedes-Benz SL. Поточно, Mercedes-AMG SL. Родстерот отсега се води под спортската марка AMG.
· Преглед на најпродаваните моделски серии на Mercedes-Benz по категории, јануари до септември ’21
Топ 5 Модели со дизел мотор
V-KLASSE 12,941
E-KLASSE 6,635
VITO 6,145
SPRINTER 5,411
GLK, GLC 5,060
Топ 5 Модели со хибриден погон (и приклучни хибриди)
GLK, GLC 13,398
C-KLASSE 9,272
E-KLASSE 8,978
A-KLASSE 7,696
ML-KLASSE, GLE 7,512
Топ 5 Модели со електричен погон
GLA (EQA) 3,177
GLK, GLC (EQC) 2,967
V-KLASSE (EQV) 1,023
VITO (e-Vito) 237
S-KLASSE (EQS) 77
Топ 5 Модели со погон на сите тркала
GLK, GLC 22,836
ML-KLASSE, GLE 11,495
V-KLASSE 5,816
E-KLASSE 5,532
S-KLASSE 3,805
Топ 5 Кабриолети
C-KLASSE 1,950
E-KLASSE COUPE 1,719
AMG GT 183
















