Разликата е запрепастувачка. Наспроти Норвешка со просечно 38,2 грами од штетниот гас за Земјата по автомобил, Бугарија вози автомобили со просечно 133 грами СО2 по километар. Тоа важи само за новите автомобили, отпадот што се собира од јадрото на Европа не се брои.
Не им е лесно на бугарите постојано да бидат на опашот на ЕУ, посебно кога станува збор за возниот парк. Унијата пресмета колкава е просечната емисија на новите автомобили што лани биле регистрирани во државите членки. Сосем е природно тоа што Норвешка, Холандија, Исланд, Шведска или Данска се издвојуваат со најмалку штетна емисија од гасот што е главен предизвикувач на глобалното затоплување.
Најмалку е изненадување тоа што бугарската држава е последна во поглед на чистотата на издувните гасови што излегуваат од новите автомобили, по Кипар, Полска, Словачка, Естонија или Чешка. Додека тоа се единствените држави во Европа, од вкупно 30 држави што се вклучени во статистиката, со емисија над 120 грами СО2 на секој километар, Бугарија е единствена што надминува 130 грами од штетниот гас за Земјата.
Просекот на 27-те членки на ЕУ за новите автомобили што биле регистрирани во минатата година изнесува 108,2 грами СО2/km. Кога на земјите од Унијата ќе им се додадат и вредностите на Исланд, Норвешка и Обединетото Кралство, тогаш се добива уште подобар просек, со 107,8 грами СО2. Секако, причината за намалувањето на европскиот просек е Норвешка, светскиот шампион во поглед на уделот на електрични автомобили во продажбата. Се очекува дека по април следната година, во скандинавската држава повеќе нема да се регистрира ниту еден нов патнички автомобил со мотор со внатрешно согорување.
Франција со почисти возила од Германија, Португалија докажува дека чист возен парк може да се постигне и со потпросечна купувачка моќ
Голема е разликата и меѓу Франција со 98,5 грами СО2/km и Германија со 114,6 грами CO2/km. Додека Франција уште рано започна со електрификација на својот возен парк и воведе масивни субвенции, најавувајќи, а во меѓувреме и реализирајќи строги ограничувања за сообраќај со возила со висока штетна емисија, Германија дури во последните години бележи повпечатлив напредок. Секако дека свеста на возачките и возачите во земјата уште е помалку одговорна во поглед на емисијата на СО2 од автомобилите, отколку во Франција. Тоа се гледишта што не се менуваат преку ноќ, туку потребни се години за ставовите да се сменат.
Одличен пример е Португалија, којашто 97,5 грами СО2 на километар докажува дека чистиот возен парк не мора секогаш да се поврзува со висока купувачка моќ.
Каде е Македонија? Нашите „автомобилски власти“ во 2020 година дури успеаја да ја укинат привилегијата за хибридните автомобили, којашто со години наназад дозволуваше возилата со хибриден погон да постигнуваат солиден удел во продажбата. Меѓутоа, економ-гарнитурата што некако брзо се смени по таквите штетни потези, ценеше дека дотогаш добрата продажба на хибридните автомобили ќе донесе поголем прилив, доколку се зголемат давачките за истите, односно им се укине привилегијата. Тоа е степенот на интелигенцијата на потписниците на државните акти.
Во меѓувреме по улиците повторно се забележуваат во сé помасовен обем возила со регистрации од соседните држави, особено од бугарската. Причина за тоа е повисоката давачка за високата емисија на штетни гасови што терачите на тие коли би ја платиле во Македонија. Значи, не е важно тоа што автомобилите загадуваат повеќе, поважно е да се платат помалку давачки во некоја друга држава.
Просечна емисија на СО2 од новите автомобили во 2020 година
во СО2/km за нови автомобили регистрирани во минатата година, по држави
Австрија | 113 |
Белгија | 107.7 |
Бугарија | 133 |
Хрватска | 112.2 |
Кипар | 125 |
Чешка | 120.9 |
Данска | 95.3 |
Естонија | 121 |
Финска | 100.3 |
Франција | 98.5 |
Германија | 113.6 |
Грција | 107.3 |
Унгарија | 116.7 |
Ирска | 106.2 |
Италија | 108.6 |
Летонија | 119.2 |
Литванија | 119.3 |
Луксембург | 119.8 |
Малта | 101.4 |
Холандија | 82.3 |
Полска | 125 |
Португалија | 97.5 |
Романија | 115.4 |
Словачка | 121.8 |
Словенија | 114.1 |
Шпанија | 112.4 |
Шведска | 93.4 |
ЕВРОПСКА УНИЈА | 108.2 |
Исланд | 80.2 |
Норвешка | 38.2 |
Обединето Кралство | 111.5 |
EU27 + IS + NO + UK | 107.8 |