САД ќе добијат уште една фабрика за батерии и тоа токму од специјалистот од кого што започна електрификацијата во браншата, од Toyota. Американската фабрика е дел од глобалната инвестиција на Toyota во електромобилноста, за која што Јапонците планираат вкупно 13,5 милијарди долари.
Огранокот на Toyota во Северна Америка ќе основа посебна компанија и ќе гради фабрика за батерии за електрични автомобили во САД, во соработка со Toyota Tsusho. Почетокот на производството се очекува во 2025 година, со инвестиција во фабриката вредна 1,29 милијарда долари до 2031 година. Фабриката ќе отвори работни места за 1.750 лица.
Според Тед Огава, извршен директор на Toyota Motor North America, „инвестицијата ќе помогне да се понудат подостапни возила со електричен погон за купувачите во САД, како и за значително да се намали емисијата на СО2, и најважното, да се создадат уште повеќе вработувања во Америка што се поврзуваат со иднината на мобилноста.“
Новата компанија ќе помага Toyota да продолжи со развој и проширување на мрежата од локални добавувачи, како и да се стекне искуство во производството на литиум-јон батерии за автомобили. Компанијата во почетокот ќе се сосредострочи на производство на батерии за хибридни возила.
Неколку факти околу плановите на Toyota за електрификација
- Toyota досега има продадено во светот повеќе од 18,7 милиони возила со електрифицирана погонска спрега, вклучувајќи повеќе од 4,5 милиони возила само во САД
- Од моментно 25 проценти удел на електрифицираните возила во продажбата на Toyota во САД, овој удел до 2030 година ќе се искачи на близу 70 проценти.
- Заради задоволување на растечката побарувачка, Toyota продолжува со проширување на понудата од модели со електрифициран погон, вклучувајќи хибриди (HEV), приклучни хибриди (PHEV), водородни (FCEV) и батериски електрични возила (BEV). Од моментно 55 модели, понудата ќе се прошири на околу 70 модели до 2025 година.
- Од 70-те модели, 15 ќе бидат чисто електрични модели, вклучувајќи седум модели од серијата Toyota bZ (Beyond Zero).
- До 2030 година, Toyota ќе постигне годишна продажба на два милиони возила со нулта емисија на штетни материи (електрични и водородни). Само во САД се очекуваат меѓу 1,5 и 1,8 милион возила со електрифициран погон (вклучувајќи хибриди).