Откако специјалните спасувачки сили првпат се качија на опожарениот брод за превоз на автомобили во близина на холандското крајбрежје, постојат надежи дека Fremantle Highway ќе може да се одвлече до безбедно место.
Според наводите од холандските поморски служби, спасувањето на опожарениот брод може да се случи веќе во текот на викендов. Информацијата синоќа ја објави новинската агенција ANP.
Експертите претходно успеаја да воспостават сигурна врска со реморкер. Доколку успее влечењето на бродот до безбедна локација, ќе се исклучи и опасноста за загадување на Ваденското Море со нафта, како и опасноста по жителите на островите.
Транспортерот ќе се одвлече до локација понатаму во правец на исток, 16 километри северно од островот Схирмониког, објави ANP повикувајќи се на службени извори.
Од ширењето на чадот и од временската прогноза зависи кога ќе почне влечењето на бродот. Постапката ќе трае веројатно меѓу 12 и 14 часови. Откако ќе се утврди состојбата, бродот во одреден период ќе се одвлече до некое пристаниште. Уште е неизвесно, кое ќе биде тоа пристаниште.
Огновите слабеат
Според крајбрежната стража, пожарот на бродот во петокот почнал значително да слабее, а исто е намалено и ширењето чад. Температурите се намалуваат. Стражата сепак напоменува дека пожарот уште е активен.
Спасувачите прво ќе проверат колку е стабилен бродот. Не е познато колку долго може бродот да ги издржи високите температури. Не смее да се дозволи распаѓање или прекршување на бродот. Службите проценија дека бродот под површината на морето е стабилен и неоштетен.
















