Одличното напредување на марката на азискиот пазар е главната причина за историскиот рекорд на BMW во првите три месеци од годинава. На европскиот пазар му недостига уште малку да го достигне нивото на продажба како пред кризата.
Во периодот од јануари до март, BMW повторно постигнал повисока продажба отколку пред корона-кризата. Од марките BMW, Mini и Rolls-Royce, минхенскиот концерн продал 636.607 автомобили на светскиот пазар, што е за 33,5 проценти повеќе отколку во истиот квартал лани. Главната заслуга за тоа ја има исклучителниот раст на продажбата на азискиот пазар. Шефот за продажба Питер Нота открива дека „оваа рекордна продажба ги потврдува нашите амбициозни цели за раст за годинава.“
Марката под сино-белиот знак во Кина продала 230.000 автомобили. Тоа се за 60.000 повеќе автомобили отколку во првиот квартал во 2019 година и речиси е исто со вкупната продажба во Европа. Концернот постигнал нов рекорд и за целиот азиски континент, со вкупно 297.000 испорачани возила.
На европскиот пазар во првиот квартал биле испорачани 239.000 автомобили, што е помалку отколку пред корона-кризата, но пак е осум проценти подобро отколку во првиот квартал лани. Во САД во периодот меѓу јануари и март се продале 78.000 возила или за 17% повеќе отколку во истиот квартал лани. Нивото од пред кризата исто така не е достигнато на важниот американски пазар.
Двојно е зголемена продажбата на возила со елеткрифицирана погонска спрега од концернот. Вкупно до март се продадени 70.200 хибридни и електрични автомобили. Нота коментира: „Тоа нé држи на курсот, до крајот на годинава да испорачаме повеќе од 100.000 целосно електрични автомобили и да имаме најмалку еден милион возила со електрифицирана погонска спрега по патиштата.“