Во музејот на BMW во Минхен, утре на 12-ти мај се отвора големата славеничка изложба во чест на „100 години мотоцикли BMW“.
Цела година посетителите во музејот на BMW во баварската престолнина ќе имаат можност детално и веродостојно да посведочат на еден век производство на мотоцикли под сино-белиот знак.
Изложбата се состои од близу 60 оригинални мотоцикли и 15 тематски поставки. Дополнителна причина да се посети овој историски центар на BMW претставува и архитектурата на самата зграда, една од најпрепознатливите тркалезни градби во Минхен, којашто е пуштена во употреба во 1973 година.
Петте главни групи во изложбата им се посветени на најпознатите дизајнери на мотоциклите BMW, на необичните споеви на различни видови мотоцикли, како и на посебните нарачки што на Баварците им пристигале од клиентите во сиве години досега.
Посебно место секако дека им припаѓа на бесценетите возила што припаѓаат на BMW Group Classis и се прикажуваат само за посебни пригоди.
Преку примери од резервоарите, седиштата, светлата, кацигите, рамките и малите технички детали, може да се погледне како нештата се пренесувале од една во друга генерација и се развивале низ времето.
BMW Motorrad има што да раскаже и прикаже на тема мотоспорт, електромобилност, нови технологии, но и впечатливи реклами за мотоциклите.
Неизбежни се т.н. службени возила, односно полициските мотоцикли со коишто BMW ги има опремувано службите за ред и мир во повеќе од 100 држави ширум светот.
На платформата бр. 2 се наоѓаат два легендарни тркачки мотоцикли, што победиле на Турист Трофи на Островот Ман. На оваа најтешка и најопасна улична трка во светот, со BMW R 255 Kompressor има победувано Шорш Мајер, а 75 години по него и Мајкл Данлоп на BMW S 1000 RR.
View this post on Instagram
Почесни места имаат BMW R 18, којшто е изложен во неколку варијанти, а покрај него K1 и R 1250 RT. Спектакуларните концептни мотоцикли од оваа куќа ги претставува BMW Motorrad VISION NEXT 100 од 2016 година.
Посетителите можат да седнат на два мотоцикли – BMW R 25 од 1950-те години и актуелниот BMW S 1000 RR.
BMW R 32, првиот воопшто мотоцикл на баварскиот специјалист за динамика и престиж, дел е од постојаната музејска постава во Минхен.
















