Во центарот на BMW за компоненти за електричен погон во Динголфинг започна производството на батерии и батериски модули од петтата генерација. Тие ќе се вградуваат во новите модели BMW iX и BMW i4.
Во исто време во фабриката е зголемена и продукцијата на електромоторот од петтата генерација. Неговото производство започна лани и истиот се вградува во iX3, а наскоро и во BMW iX и BMW i4. Баварската марка очекува дека најмалку 50% од продажбата на возила ширум светот во 2030 година ќе отпаѓа на модели со електромотор во погонот. Компоненти за погон на струја се произведуваат и во Регенсбург и Лајпцих.
До 2022 година, BMW вложува повеќе од половина милијарда евра во производството на електрични компоненти во Динголфинг. Вкупните вложувања, заедно со Лајпцих, Регенсбург и Штајер, изнесуваат 790 милиони евра.
Наскоро таму започнува сериското производство на BMW iX, додека наесен од Минхен треба да стартува и купето BMW i4. Компоненти за батериите се произведуваат во Регенсбург и Лајпцих уште од април годинава. Во Ландсхут и Штајер паралелно се зголемува производството на куќишта за електричниот погон.

Динголфинг веќе располага со големо искуство во електричниот погон. Таму уште во 2013 година стартуваше првиот електричен модел од сериско производство на марката, BMW i3. Батериите за електричниот Mini Cooper SE (Шампионот што прв извозе цел круг низ Македонија), исто така се испорачуваат оттаму.
Сите овие фабрики на BMW ширум светот се ангажирани во електричниот погон
Високонапонските батерии и модули за електричните и хибридните модели на BMW и Mini се произведуваат во Динголфинг, Лајпцих и Регенсбург, како и во Спартанбург (САД) и Шенјанг (Кина). Во Тајланд исто се произведуваат батерии за локалниот пазар, во фабриката во Рајонг, заедно со Дрексмајер. Наскоро и Минхен ќе започне со електричен погон. Електромоторите доаѓаат од Динголфинг и Ландсхут, додека во Штајер се изработуваат куќиштата за интегрираниот погонски модул од петтата генерација.

















