Уште се чека последниот збор на судовите, но големи се изгледите дека Џо Бајден е победник на изборите. Како Претседател, тој ќе биде ускратен за задоволството сам да управува автомобил, исто како при неговата служба како заменик на Барак Обама.
Големата пасија за автомобили на Бајден потекнува уште од детските денови. Неговиот татко долги години директорувал со најголемото дилерство за Chevrolet во американската сојузна држава Делавер. Така Бајден дошол и до неговиот Corvette. Татко му, неколку денови пред венчавката на синот во август 1967 година, го замолил да ги донесе Pontiac Tempest од 1965 година на својата идна сопруга и сопствениот Chevy од 1963 година во сервисот, за возилата да се разубават за славењето.
Кога Бајден со идната сопруга по четири денови се вратиле да ги преземат своите возила, имало големо изненадување. Како свадбен подарок, тие добиле Corvette Stingray Convertible, со 5,4-литарски V8 со 300 КС и четиристепен мануелен менувач.
Бајден и денес го поседува кабриолетот. Во 2016 година тој гостуваше во„Jay Leno’s Garage“ и не пропушти пред камерите да остави две дебели траги на асфалтот. Тогаш, идниот претседател на САД додаде: „ Сакам да возам автомобил. Можеби не треба да го спомнам тоа, но сакам брзина.“ Автомобилот е во совршена состојба, откако синовите Бју и Хантер нарачаа комплетен ремонт на моторот.
Во интервју за американскиот магазин „Car and Driver“ во 2011 година, Бајден наведе уште неколку автомобили, меѓу нив Studebaker од 1951 година или црвен кабриолет Plymouth од 1952 година. Демократот поседувал и користен Mercedes-Benz 190 SL, „чијшто карбуратори Solex никогаш не функционираа“.
Откако еднаш се возел во Cadillac CTS-V на братот, Бајден бил решен и самиот да купи Cadillac, откако повторно ќе смее да вози сам. Така и се случило, веднаш по завршувањето на мандатот, тој купил ATS-V.
Но, какви планови има Бајден за автомобилската индустрија? Тој ќе се залага за подобрување на ситуацијата со електричните автомобили во земјата. Мрежата од полначи е мошне скромна, а пазарниот удел на електричните автомобили, со исклучок на Калифорнија, исклулително е мал. Планот на Бајден е да се постават половина милион полначи за електрични автомобили ширум САД.