Bentley Continental GT3 со биогориво ќе се качува на Пајкс Пик

Пред две години, Bentley триумфираше на најпознатата и најпредизвикувачка ридска трка во светот, на Пајкс Пик. Тогаш возеше речиси стандардна изведба на Continental GT. Немаше потреба од преправки, затоа што благородното и моќно купе постави рекорд за сериски возила. Радоста беше уште поголема, затоа што Bentley во претходната година постави рекорд за сериски СУВ-модели со Bentayga.

Третото качување на Пајкс Пик има уште повисоки цели. Машината за изданието на Пајкс Пик во 2021 година се вика Bentley Continental GT3 Pikes Peak и во голема мера се разликува од сериската изведба на Continental GT. Возилото очигледно се базира врз импозантниот тркачки автомобил GT3, кој за Пајкс Пик посебно е снабден со уште поекстремни спојлери напред и назад.

Од тоа произлезе автомобил што изгледа како да доаѓа од виртуелна тркачка игра. Под хаубата не работи W12, туку четирилитарски V8, кој е масивно преработен за примена во мотоспортот. Посебноста на машината е во тоа што се користи специјално биогориво. Со неговата примена се намалува емисијата на СО2, а воедно се подобрува и моќноста при поголеми висини, кога се смалува концентрацијата на кислород.

Британците со овој автомобил ќе настапуваат во класата Time Attack 1, во којашто спаѓаат тркачки возила што се базираат врз сериски возила, но имаат претрпено големи преправки. Постоечкиот рекорд го постави Porsche во 2020 година, со посебно подготвен GT2 RS Clubsport, извозувајќи за 9:36,559 минути. За овој рекорд да го надмине, Bentley мора да ја извози угорнината во должина од 20 километри со просечна брзина од преку 125 km/h. За ништо да не се препушти на случајот, зад воланот повторно ќе седи Новозеланѓанецот Рис Милен, кој и претходно возеше за Bentley.

https://www.instagram.com/p/CNVGElFnEL0/

Наречена уште „Race to the Clouds“, трката почнува на висина од 1.440 метри и завршува на 4.302 метри, со 156 свијоци на само 20 километри должина, односно во просек следи свијок на секои 130 метри. Еден дел од патеката беше неасфалтиран во минатото, а од 2011 година е асфалтирана целата должина на патеката. Првиот „Пајкс Пик“ се возеше уште во 1916 година. Апсолутниот рекорд го постави Volkswagen во 2018 година, со електричниот ID R, со време од 7 минути и 57 секунди. Трката годинава е закажана за 27-ми јуни.

>>> Bentley почнува да гради облакодер во Мајами

Претходна објаваKia постигнува рекорден удел на британскиот пазар
Следна објаваВака се тјунира Volkswagen Tiguan во американски стил

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here