Дачиа и Нисан добија нови салони, отворен сервисниот центар на Аутомотив Груп во Визбегово

Септемвриски полет во Аутомотив Груп, во месецот што често се поставува за отпочнување нови поглавја. Сите салони на групацијата Рено и Нисан сега сочинуваат една целина, но главната новина е во сервисниот центар во Визбегово, со големина колку половина фудбалско игралиште и со енергија од сонце.

Отворање нови салони, донесување важни нови модели што доживеаја македонска премиера во новите простори, и најважното, тоа што прави целиот круг купувач-продавач да биде заокружен среќно, а тоа е пуштање во работа на претставителен сервисен центар, сето тоа во Аутомотив Груп беше комплетирано во едно попладне.

Моделите на буџет-марката на Групација Рено, реално херојска марка на автомобилската сцена, што својот Сандеро во изминативе години редовно го лансира на врвот на европската продажба, отсега повеќе нема да го делат салонот со матичната марка на Рено, туку заслужено се издвоија во наменски простор во посебен салон.

Меѓу причините за Дачиа повеќе да се издвои од матичната Рено секако спаѓа и свежиот стилски правец што почнува со новата генерација на Дастер. СУВ-моделот од најпродаваниот сегмент во Европа доаѓа со многу посамоуверен изглед, што е соодветно придружен со технолошки напредок. Новиот Дастер, меѓу другото, доаѓа и со класичен хибриден погон, што и увозникот Аутомотив Груп го нагласува во маркетиншкиот настап за новиот модел.

Во салонот што се наоѓа веднаш до главниот објект на Аутомотив Груп, каде што марката Рено сега го зафаќа целиот салонски простор, Дачиа изложува три модели. За премиерата беа избрани токму Логан, моделот од којшто во 2000-те години почна големиот подем на романската марка, Сандеро, европскиот бестселер, и секако Дастер.

Продажниот центар го заокружува Нисан, чијшто салон е преселен тука од објектот што е стотина метри погоре. Јапонската марка за отворањето изложи четири модели – фејслифт на Кашкај, Икс-Трејл во хибридна изведба и две моделски изведби на Џук, којшто исто така влегува со освежен изглед во новото моделско годиште.

Триото модели изложено пред салонот како да беше избрано да воспостави спрега меѓу минатото и иднината што веќе е отпочната: Алпин А 110, спортска машина што чини преку 100.000 евра и се потпира на класичен погон во најдоброто можно светло, а покрај неа електричен Рено Меган, што беше на тест во Аутомедиа, како и Нисан Лиф, моделот што уште во првата генерација направи електричниот погон да се приближи до поширокиот круг купувачи.

Новата генерација на Дачиа Дастер стартува во Македонија од 21.450 евра

Главниот настан се одржа во новиот сервисен центар (локација) за марките Рено, Дачиа и Нисан во Визбегово, што веќе извесно време ги услужува клиентите и што свеченото пуштање во работа го доживеа заедно со отворањето на новите салони.

Отворањето на салоните и свеченото пуштање во работа на сервисниот центар се совпадна со 80-от роденден на господин Бранко Калеников, глава на семејството Каленикови, коешто со децении го води автомобилскиот бизнис

Настанот вообичаено привлече голем број бизнис партнери, соработници и пријатели на Аутомотив Груп. Станува збор за објект што несомнено додава во имиџот на марките Рено, Дачиа и Нисан. Вкупшната површина на сервисниот центар изнесува 4.950 метри квадратни, од коишто 2.300 метри квадратни припаѓаат на просторите за сервисирање и за механика.

Содржините ги заокружува автолакерски и лимарски сервис, со вкупно 18 работни дигалки, како и две комори и преткомори пто се направени според најсовремените еколошки стандарди со прочистителни станици и употреба на гас, како еколошко гориво. Аутомотив Груп отвори 50 нови работни места во објектот.

Како општествено одговорна компанија која секогаш се залага за заштита на човековата околина, за потребите на центарот употребена е последна технологија на воздушни и топлински пумпи за греење и ладење со најдобар коефициент на енергетска вредност. Тоа што посебно уверува во одржливоста е фотоволтаичната електроцентрала со моќност од 180 киловати.

Од тестот на Нисан Џук

„Градејќи во еден период полн со предизвици предизвикани од ковид пандемијата, кога сите активности беа запрени, ние не застанавме, и исправени пред сите предизвици успеавме да изградивме нов центар со цел да го придвижиме тркалото, да дадеме надеж на сите наши вработени, соработници, идни генерации“, соопштија од Аутомотив Груп. На настанот присуствуваше и градоначалникот на општина Бутел, господин Дарко Костовски, што секако укажува на пошироката општествена и економска важност на новиот центар.

Од компанијата искажаа голема благодарност до Владата на РМ, до Светска Банка и до тимот на Шпаркасе Банка, „кои ни дадоа поттик , подршка и ветар во грбот да го завршиме овој наш голем и значаен проект “.

Претходна објаваПроизводителите бараат ЕУ да ги одложи новите норми за издувни гасови за две години
Следна објаваЏили ќе произведува во фабриките на Волво и Рено во Европа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here