Законите на ЕУ бараат производителите на автомобили во 2025 година да постигнат просечна емисија од 95 грами ЦО2 на километар. За да избегнат милионски казни, производителите би морале да се откажат од производство на 2 милиони автомобили.
Европското здружение на производители на автомобили (АЦЕА) бара Европската Унија да донесе итна уредба, за новата граница за емисијата на штетни материи што треба да стапи на сила в година, да се одложи за две години. Веста ја објави Блумберг, повикувајќи се на нацрт предлогот од АЦЕА.
Законите на ЕУ што ги ограничуваат производителите, за просекот од емисијата на штетни материи од сите продадени возила да не надмине 95 грами карбон на километар, наспроти границата од 106,6 грами во 2023 година, ќе ги услови производителите или да се откажат од производство на 2 милиони автомобили, или да платат казна. Вкупните казни што би можело да им бидат изречени на производителите достигнуваат 13 милијарди евра за патничките автомобили, односно 3 милијарди евра за доставни возила. Оваа висина на казните ја предвидува АЦЕА, во документот што ќе биде испратен во Брисел.
„ЕУ е во криза што е предизвикана од ослабнатата побарувачка за електрични возила и од нелојалната конкуренција од производители на електрични возила од трети земји, што значи дека индустријата на ЕУ нема да биде во состојба да ги исполни строгите граници,“ стои во работната верзија на документот.
„Индустријата на ЕУ нема друг избор, освен значително да ја скуси продукцијата, со што ќе се загрозат милиони работни места во ЕУ, им се наштетува на купувачите и се нарушува конкурентноста и економската сигурност на ЕУ.“
Извршниот директор на Рено и претседател на АЦЕА, Лука де Мео, одамна предупредува дека е неопходно да се подигне свеста дека автомобилската индустрија може да се соочи со казна во висина од милијарди евра, поради забавената побарувачка за ЕВ и оневозможувањето на повеќето производители ја ги исполнат построгите норми за ЦО2 на ЕУ што стапуваат на сила в година.
Во интервју за Радио Франс, тој кажа дека Европската Комисија треба да има „повеќе флексибилност“ околу идните лимити.
Влијателната група за заштита на животната средина Транспорт и Животна средина, цени дека предлогот за новите лимити да се одложат е „апсурден“, наведувајќи дека производителите на автомобили имале доволно време да се подготват и дека од пандемијата на корона вирусот наваму влечат корист од високата маржа на профит.
„Пристапот на лобито на автомобилската индустрија е апсурден,“ порача Мари Шерон, шефица за автомобилска политика во францускиот огранок на Транспорт и Животна средина, во соопштението од 13-ти септември. „Производителите направија преку 130 милијарди евра профит од 2022 година и на располагање имаа години за да се подготват за лимитот. Сега тие се обидуваат да поттикнат вонредна состојба, за да можат да продолжат да продаваат автомобили што загадуваат.“
Европскиот автомобилски сектор западна во криза, соочувајќи се со евтината конкуренција од Кина, со високите трошоци за енергија и со кризата во животниот стандард што ја забави побарувачката за електрични возила. Во исто време, производителите треба да се подготват за забраната за продажба на нови автомобили со мотор со внатрешно согорување во ЕУ по 2035 година.
„Автомобилската индустрија во ЕУ вложи милијарди во електрификација, за да пушти возила во продажба, но отсуствуваат останатите состојки што се неопходни за оваа транзиција и конкурентноста на ЕУ избледува,“ стои во соопштението што АЦЕА го објави на својата вебстраница на 12-ти септември.
За целиот автопазар во ЕУ да ги исполни построгите норми за штетни материи од 2025 година, уделот на електричните возила во продажбата треба да се движи меѓу 20 до 22 проценти. Во нацрт предлогот се наведува дека уделот во моментов стагнира на помалку од 15 проценти кај автомобилите и уште помалку кај вановите.
„Тоа е тежок пат,“ вели Робин Лус, заменик директор за транспорт и одржливост во здружението за заштита на потрошувачите БЕУЦ. Но, „овие цели беа поставени пред шест години. Овој повик во последен миг е знак дека индустријата не ја проценила ситуацијата доволно добро.“
Концернот Фолксваген, најголемиот производител на автомобили во Европа, ќе биде меѓу компаниите што веројатно нема да ги исполнат лимитите. Компанијата во изминатата седмица ги откажа гаранциите за работни места што беа на важност цели три децении, откако укажа на опасноста од затворање на фабриките во најмоќната економија во Европа.
На подолг рок, ЕУ има намера да ја запре продажбата на нови автомобили со мотор со внатрешно согорување по 2035 година. Процена на остварливоста на плановите ќе биде направена во 2026 година.
















