за

Audi посветува пет години за да развие нова генерација волани

Во воланите во последниве години се случија едни од најголемите промени во автомобилите. Инженерите на Audi откриваат колку работа се крие зад развојот на новите волани.

Од изборот на геометријата и на материјалите, преку изработката на првите прототипи и по маратонски тестирања, минуваат пет години додека Audi го отпочне сериското производство на нова генерација волани.

Промените што се случија во воланите во последниве децении се меѓу најкрупните промени воопшто во новите автомобили, а токму нив ги забележуваме најмалку. Марсел Брух е прв човек за воланите во Audi: „Од челична жица обложена со кожа, воланите денес прераснаа во команден центар со висока технологија, со највисоки барања во поглед на дизајнот и квалитетот“. Инженерот понатаму открива дека во последните 11 години, Audi во своите автомобили има вградувано четири генерации волани, со повеќе од 200 варијанти за сите моделски серии на марката.

Воланот во новиот Q4 e-tron располага со 18 функции во топ-изведбата. За да се постигне воланот да биде едноставен за користење, секако дека се потребни многу работа и знаење. Прво се прави список на сите функции што треба да ги исполнува воланот. Потоа следи првично распоредување на функциите, без притоа да се нарушува дизајнот на воланот. На крајот се избира, дали функциите ќе се вклучуваат преку сензорски полиња или преку обични копчиња.

Но, сите изведби на волани што се вградуваат во еден модел не се исти. Кога ќе се земат предвид сите можни варијации во облогата на воланот, формата на обрачот, украсите, боите, апликациите и техничките функции, само во Q4 e-tron постојат 16 различни варијанти на волани.

Основните параметри што мора да ги исполнува секој волан на Audi:

  • Центарот и обрачот треба да бидат колку е пожно помали и помпактни.
  • За пречникот важи стандард 375 милиметри
  • Овалната форма на обрачот ја следи формата на дланката кога го држи воланот. Пречникот на обрачот се движи меѓу 30 и 36 милиметри.
  • Сите функции мора лесно да се допираат со палците, без тоа да го нарушува држењето на воланот.
  • Дизајнот е спортски, краците мора да се тенки.
  • Површините и зјаевите мора да се изработени според врвните стандарди на Audi.

Законите пропишуваат воланите да исполнуваат близу 40 одредби и директиви, од кои голем дел се однесува на воздушната перница. Таа е стандард во Audi уште од 1993 година. Многу се внимава и на одржливоста. Материјалот Динамика, на пример, личи како велурна кожа и така се чини на допир, но станува збор за материјал што е од рециклирано потекло, конкретно од полиестер од текстил и од шишиња.

Секако дека е најважно тестирањето. За таа цел, по половина година се испробуваат воланите во околу 600 возила од претсериско производство. Тоа се 700.000 часови во возење и 35 милиони километри. Така се гарантира квалитетот на Audi.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota ќе паузира две фабрики во Јапонија поради недостиг од чипови

Само екстра-бојата чини 15.000 евра: Mercedes-Maybach почнува со нарачки за својата S-Class