за

Audi RS 3 е најбрз компакт на Нирбургринг

Токму лимузинската изведба на новиот Audi RS 3 извозе рекордни 7:40,748 минути во својата класа на Нирбургринг.

Audi преку својот слоган веќе со децении нагласува дека со својата техника се издвојува од конкуренцијата и тоа секогаш се потврдува од ново. Последната потврда: Audi RS 3 во лимузинска изведба, снабдена со Torque Splitter, со полу-слик гуми и со спортско подвозје RS Plus, го извозе Нирбургринг брзо како никој друг компакт досега.

Со време од 7:40,748 минути, новата Audi RS 3 Limousine е најбрз модел од компакт класата на Нордршајфе, на 20-километарскиот маратонски курс во Нирбургринг. Тркачот и тест-возач на Audi, Франк Штиплер, уште во јуни го симна рекордот во класата, за 4,64 секунди. За рекордното време придонесе и новиот Torque Splitter, што целосно варијабилно ја распределува силата меѓу тркалата на задната оска.

Единствениот зафат што Франк Штиплер требаше да го преземе врз возилото беше да го нагоди притисокот во гумите според условите на патеката. Тоа не се какви било гуми, туку се полу-слик Pirelli P Zero „Trofeo R“ со коишто RS 3 може да излезе уште од фабрика, но со ограничувања во примената во секојдневието. Притисокот меѓу другото влијае врз работата на Torque Splitter.

RS 3 е прв модел на Audi во кого што се вградува. Ламеласта стојка го распределува вртежниот момент од моторот посебно до секое задно тркало. На тој начин се овозможува надворешното тркало во свијок да добие повеќе вртежен момент. Кај „нормалните“ автомобили, контролата на стабилноста обично го намалува вртежниот момент, кога внатрешното тркало повеќе не може да го пренесе вртежниот момент и се заканува пролизгување – тоа ја намалува динамиката. Кај RS 3 токму тоа се спречува. Секако дека профитира и прецизноста во управувањето.

Новиот RS 3 генерално вози многу подионамично од средината на свијокот до излезот од свијокот, како и при забрзување од свијокот

Франк Штиплер, тест-возач и тркач на Audi

Предноста од Torque Splitter се покажува уште поубедливо кога работи во комбинација со новиот возен режим RS Performance, што посебно е дотеран за тркачка патека, во поглед на работата на моторот и на менувачот. Torque Splitter во тој случај се грижи за неутрални возни својства со минумум подуправување и надуправување.

Рекордерскиот автомобил беше опремен и со керамички сопирачки од 19 инчи напред и со спортско подвозје RS Plus со приспособлива амортизација. Легендарниот петцилиндарец во оваа конфигурација смее да влече до 290 km/h – што исто така е рекорд во класата. Забрзувањето од 3,8 секунди од 0 до 100 km/h, и тоа е рекордно во класата.

Новиот Audi RS 3 го задржа петцилиндарецот со 400 КС

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia службено возило на филмскиот фестивал во Таормина

BMW постигна заработка од 6 милијарди евра во вториот квартал