за

BMW постигна заработка од 6 милијарди евра во вториот квартал

Недостигот од чипови не беше пречка за групацијата BMW да постигне рекордна профитабилност и заработка.

BMW постави нови рекорди во бројот на продадени возила и заработката. Очекувањата до крајот на годината се мошне позитивни, во услови на растечка побарувачка и продажба на возила од поскапите сегменти.

Деловните резултати на групацијата BMW во вториот квартал се подобрени значително во споредба со истиот период лани, при првиот голем пандемиски удар. Тоа што им дава голем оптимизам на менаџерите во Минхен се бројките за продажбата и за заработката што се подобрени дури и во споредба со второто тромесечје во 2019 година, пред кризата.

Ова е мошне чувствителен период за BMW, додека групацијата се залага силно за електромобилноста. По одличниот старт на продажбата на BMW iX3, наесен следат целосно електричните BMW i4 и iX. Моќноста на нивните електромотори е значително зголемена во споредба со досегашните модели на струја на Баварците. Потврдено е дека двата модели ќе пристигнат и на македонскиот пазар, во салонот на увозникот М Кар.

Во следните две години ќе продолжи електрификацијата во речиси целата понуда од модели. До 2025 година, чисто електричните возила ќе учерствуваат со повеќе од половина во продажбата на марките на BMW. До средината на деценијата, Минхен ќе им има испорачано вкупно два милиони целосно електрични автомобили на своите клиенти.

„Neue Klasse“ е од историско значење за BMW, така беше наречена серијата модели од којашто подоцна произлезе серијата 5 – новата „Neue Klasse“ вози само на струја

Во деловниот извештаj на BMW за последниот квартал се спомнува и „ Neue Klasse“ (нова класа. Историчарите на марката ќе се сетат на моделите 1500, 1600, 1800 и 2000, кои во 1960-те години исто така беа најавувани како „Neue Klasse“, како револуција во понудата на BMW. Засега Минхен само општо го опишува новиот модел, односно новите модели. Станува збор за заедничка архитектура, што целосно му е посветена на електричниот погон и што ќе се користи за цела палета идни модели на групацијата BMW. Се спомнува комплетно нова хардверска и софтверска архитектура, нова генерација електромотори и батерии, како и ново рамниште на одржливост и грижа за животната средина.

Супертехно-моделот BMW iX веќе се потпира врз таа архитектура и прв модел е што го добива новиот BMW оперативен систем 8. Минхен вели дека тоа е најмоќен систем за обработка на податоци што е вграден во возило. Екстра можност на системот е плаќањето месечна рата за вклучување и користење одредени функции во возилото, на пример автопилот или напредни онлајн-услуги. Годинава 2,5 милиони возила на групацијата ќе добијат нов софтвер буквално по воздушна линија.

Во услови на полупроводничка криза, BMW со своите марки Mini и Rolls-Royce испорачал вкупно 1.339.047 возила во првото полугодие. Тоа се 40% плус во споредба со лани – нормално, тоа е рекордно прво полугодие. Само од април до јуни се испорачани 702.441 возила или за +44,7% повеќе од лани (617.667 автомобили BMW, 83.165 автомобили MINI и 1.609 автомобили Rolls-Royce).

Висока е побарувачката за модели со електромотор во погонот. За шест месеци се испорачани вкупно 153.243 чисто електрични и приклучни хибридни автомобили. Растот во споредба со лани изнесува 148,6 проценти.

Прометот до јуни надминува 55 милијарди евра (+28,1%, односно +31,1% со компензација на курсот). Тоа се должи на зголемената продажба, но и на продажбата на поскапи модели.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi RS 3 е најбрз компакт на Нирбургринг

Во Германија возат повеќе од еден милион електрични возила