за

Новиот Audi RS 3 го задржа петцилиндарецот со 400 КС

Тркачкиот специјалист на Audi во класата на Golf влегува во нова генерација. Изгледот е многу поагресивен, има посебен режим за дрифт, петцилиндарецот е круната на Audi RS 3.

По повеќе од една година од претставувањето на новата генерација на A3, Инголштат ја заокружува гамата на Audi A3 со спортската изведба RS 3. Петте цилиндри остануваат, инженерите извлекоа дополнителни њутнметри, моќноста останува на 400 КС.

Новата генерација на Audi RS 3 изгледа многу полуто од претходничката. Тоа се должи најмногу на новата црна маска, којашто ги опфаќа светлата и значително е поширока и со поостри агли. Страничните отвори за воздух со својата димензија и форма не пропуштаат да порачаат дека тука станува збор за најдинамичната моделска изведба во гамата на A3. Грубоста на машините од тркачките патеки ја претставува крупниот растер на маската и на отворите за воздух.

Тенките и долги предни светла стандардно работат со диодна техника и располагаат со динамични трепкачи. Со доплата се вградуваат матрични диодни светла со посебна графика на задоцнето гаснење. При заклучување на возилото, диодите во делот од светлата што е извлечен надолу симболизираат целно знаме во левото светло, додека во истиот дел во десното светло едноподруго се појавува R-S-3.

Отстрана се забележува дека во завршетокот на широките предни крила се изведени нови отвори за воздух. Овој детал дизајнерите на Audi го применија прво во електричниот крстосувач e-tron GT. Ширината на трагата на оските е зголемена за 33 милиметри. Зад тркалата од 19 инчи може како опција да бидат вградени нови керамички сопирачки, со клешти во сива, црвена или сина боја. Стандардните спортски сопирачки добиваат клешти во црна или црвена боја.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Шоуто со истата динамика продолжува во опашот. Новата форма на задните светла е позната од стандардниот A3, нов е широкиот црн елемент под задниот поклопец. Во овој дел што ја нагласува шрината се повторува мустрата од предната маска. Добар момент е тоа што паркинг сензорите повеќе не се забележуваат во браникот. На секоја страна има по една широка издувна цевка со овална форма, коишто се опфатени во дифузорот. Сите украсни делови се во црн финиш, кој сака алуминиумски детали, треба да доплати за тоа.

Внатрешноста е иста со A3. Најголемата разлика во споредба со претходничката е во тоа што средишниот дисплеј (со пречник од 10,1 инчи) повеќе не е поставен врз арматурната табла, туку е дел од неа. Посебноста кај Audi RS 3 е во тоа што освен вообичаените информации и команди за радио, навигација и телефон, тука се прикажуваат и специјални податоци, како температурата на водата за ладење или на моторното масло и на менувачот. Во дигиталните инструменти од 12,3 инчи, со графика што е посебна за RS 3, се прикажува и G-вредности, време на круг, забрзување од место до 100 или 200 km/h или време на четвртина или осмина милја. Првпат во RS 3 се вградува и проекциски дисплеј, како опција. Исто како во RS 6, и тука може да се доплати за графика којашто бројачот на вртежи го прикажува како легната лента.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Арматурната табла е изработена од карбон, а возачот и совозачот седат во специјални спортски седишта RS со исклучителна странична поддршка. Спортскиот волан не ја пропушта ознаката за 12 часот и секако дека е зарамнет во долниот дел. Рачките на воланот за командување со менувачот имаат нов дизајн. Во десниот крак се наоѓа копче RS Mode за вклучување на посебниот режим на возење.

Секако дека има важни новини во техниката. Audi RS 3 е прв спортски модел на Баварците што е опремен со Torque Splittering. Задниот диференцијал е познат од VW Golf 8 R и од Tiguan R. Тој посебно ја распределува моќта меѓу двете задни тркала. Со оваа техника може да се заборави на подуправување и надуправување. Диференцијалот воедно претставува и основа за посебниот режим за дрифт, кој што се вклучува со новата функција „RS Torque Rear. Втората нова функција е „RS Performance Mode и таа има намена првенствено за тркачка патека.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Стандардното спортско подвозје ја спушта каросеријата за 25 милиметри во споредба со A3. Со тоа одат уште прогресивно управување и можност за менување на звукот со посебен преклопник во издувниот систем, зависно од режимот на возење. Опција е RS спортски издув, а возилото сега може првпат да излезе од фабрика со полу-слик гуми.

Срцето е 2,5-литарски TFSI со пет цилиндри, со вртежен момент зголемен за 20 Nm, на вкупно 500 њутнметри, и со моќност од рамно 400 КС. Претходникот постигнуваше исто толку, разликата е во тоа што максималната моќност сега следи порано и трае во подолго работно подрачје. Менувачот е седумстепен DSG. Погонот на сите тркала quattro се подразбира.

Екстра њутнметрите се грижат спринтот до темпо сто да трае три десетинки помалку. Стандардниот спринт на Audi RS 3 трае 3,8 секунди. Крајната брзина е ограничена на 250 km/h, а со доплата може лимитот да се одложи до 280 km/h. Во комбинација со керамички сопирачки, може да се додадат уште 10 километри на час. Тоа пак не крајот за овој суперавтомобил во компактен формат. Цената: Од 60.000 евра нагоре, за лимузината се потребни уште 2.000 евра екстра.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Од мотоциклите на BMW отсега ќе се слуша Marshall

Австрија нема да регистрира нови бензинци и дизели по 2030 година