Комисијата на ЕУ во минатата седмица даде предлог по 2035 година во Унијата да биде дозволено ново регистрирање само на електрични возила. Австрија планира тоа да го реализира пет години порано.
Австриската влада го претстави планот со којшто се предвидува земјата да постигне климатска неутралност до 2040 година. За таа цел, емисијата на СО2 од сообраќајот треба да се сведе речиси на нула. Како конкретна цел што се предвидува со амбициозниот план е најдоцна до 2030 година во земјата да може да се регистираат на ново само патнички возила со нулта емисија на штетни материи, како и мотоцикли и лесни доставни возила што исто така не испуштаат штетни материи.
Таканаречениот мастер-план за мобилност 2030 предвидува и транспортот на стока да се префрли од камионски на железнички транспорт, да се поттикне мобилноста од сопствена енергија, што значи пешачење или возење велосипед, како и да се користи зелено погонско гориво за авионите и за тешкиот транспорт. Во 2040 година, целиот авионски транспорт во Австрија мора да биде климатски неутрален. По 2035 година, сите нови камиони што ќе се регистрираат во земјата, мора да користат погон што не испушта штетни материи.
За постигнувањето на целите е неопходно да се проширува мрежата од станици за полнење. По австриската мрежа од автопати моментно се поставени 156 полначи за електрични автомобили. До крајот на годинава нивниот број треба да се зголеми на 200 полначи. Паралелно ќе се гради и мрежа од полначи за тешки камиони. Дури и мрежа за камиони со погон на водород се предвидува во стратегијата за мобилност на австриската држава.
„Сакаме да бидеме пример, како заеднички можеме да го трансформираме сообраќајниот систем, за на тој начин да ја заштитиме нашата клима и од тоа да профитираат луѓето“, цени австриската министерска за инфраструктура Леоноре Гевеслер.
Освен Австрија, стоп за регистрирање нови автомобили со обичен мотор до 2030 година предвидуваат и Велика Британија, Словенија, Шведска, Холандија, Исланд, Ирска и Данска. Норвешка пак предничи. Таа даде рок до 2025 година.
















