за

Audi стартува со продажба на RS 3 во Америка

Рекордерот од Нирбургринг, Audi RS 3 Sedan, ја продолжува кариерата од другата страна на големата бара. Спринт до 60 mph за 3,6 секунди и брзина од 180 mph им се вредни и на американските возачи.

Audi RS 3 Sedan од месецов е достапен и на големиот американски пазар. Лимузината со екстремни перформанси продолжува по патот на претходничката, којашто постигна впечатлив успех. Главното внимание е во RS Torque Splitter, што првпат се вградува во модел на Audi, заради постигнување врвна динамика во возењето. Мало потсетување на моделот што веќе подолго време се продава на европскиот пазар.

Во новата генерација на Audi RS 3 е тешко да не се забележи дека станува збор за спортската верзија. Широкиот преден браник го насочува погледот кон редизајнираната маска со структура на саќе, во мат црна боја. И отворите за воздух се џиновски. Испакнатите крила имаат за цел да укажат на легендарниот зачетник на целата quattro-фама, на Audi Sport Quattro од 1980-те години. Ширината на трагата на предната оска е зголемена за 33 mm во споредба со претходникот.

Назад е главен малиот спојлер во сјајна црна боја на поклопецот на багажникот. Задниот браник исто така влече црти од мотоспортот, вклучувајќи ги задолжителниот дифузор и двојниот RS-издув, со клапна со којашто се влијае врз звукот. Меѓу осумте бои што може да се изберат, најпрепознатливи се кјалами-зелената и кемора-сивата боја.

Диодните матрични светла се стандард, со затемнета основа и со нова шема на дневното светло, со 3 х 5 светлечки диоди, што создаваат графика на црно-бело знаме за цел. Динамичните диодни светла назад исто така се стандард. Тркалата се од 19 инчи, со 10 краци во форма на Y и со графички принт. Првпат од фабрички може да се испорачаат гуми Pirelli P Zero Trofeo R, што посебно се проектирани за трки.

New item by Automedia MK / Google Photos

Главната техничка иновација е RS Torque Splitter. Назад се користи електронски контролирана спојка со повеќе ламели, посебно на секоја погоснка оска. На тој начин се постигнува целосно варијабилна распределба на вртежниот момент меѓу двете тркала на задната оска. Тоа обезбедува подобра стабилност, посебно на влажна подлога, како и поголема агилност при преоѓање од еден во друг свијок.

New item by Automedia MK / Google Photos

Повеќе фактори се земаат предвид за работата на спојката: Надолжно и попречно забрзување, аголот на тркалата, педалата за гас, степенот на пренос и моментот на сила. Во свијоци, RS Torque Splitter испорачува повеќе вртежен момент до надворешното тркало, за да се спречи подуправување.

Суспензијата RS Sport ја спушта каросеријата за 10 mm во споредба со S3, односно 25 mm во однос на A3. Динамичното подвозје DCC е стандард и ги зема предвид условите на патот, начинот на возење, како и изборот на програмата за возење преку Audi drive select. Сензори за висина го мерат вертикалното забрзување на каросеријата во однос на тркалата. Доколку се избере модус RS Performance, амортизерите одвај дозволуваат каросеријата да „мрда“.

New item by Automedia MK / Google Photos

Петцилиндарецот е директна врска со историјата на мотоспортот на Audi. Фамозните рели-болиди на Audi во Групата Б возеа со овој мотор, а петте цилиндри донесоа победа и на 24 часа Нирбургринг, како и во IMSA GTO. Тоа е крунисано најверодостојно со деветте титули на „Светски мотор на годината“, почнувајќи од првата титула за 2.5 TFSI во 2010 година. Ентузијастите секогаш ќе го препознаат овој мотор по звукот, поради редоследот на палење 1-2-4-5-3. Опција за овој звук да има уште поемотивен ефект е RS-спортски издув.

New item by Automedia MK / Google Photos

Моќноста на 2.5 TFSI е 400 КС, вртежниот момент достигнува 500 Nm. Целиот инженеринг што е вграден во најбрзиот RS 3 направи автомобилот да постигне рекорд во компакт класата на Нирбургринг, со време од 7 минути и 40,748 секунди. Цената за Audi RS 3 Sedan во САД изнесува 58.900 евра, односно уште 1.095 евра за транспорт и дилерски трошоци.

Новиот Audi RS 3 го задржа петцилиндарецот со 400 КС

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen Group вложува 10 млрд. € за Шпанија да стане центар на електромобилноста

Range Rover Sport: Шест цилиндри минимум, со антивирусна клима