Конструкцијата на возилото на Audi за следното издание на релито Дакар е потврдена, во моментов почнува да се изработува првиот прототип. Следен чекор е тестирање, коешто ќе започне на лето.
Техничарите завршија со конструирањето на возилото со коешто Audi ќе учествува на најтешкото рели во светот, Рели Дакар. Моментно се изработува првиот прототип, а за целиот проект е одговорен Андреас Рос, човекот што досега беше главен за настапот на Audi Sport на ДТМ, на германското првенство со туристички возила.
Испробувањето на новите технологии во мотоспортот е вообичаено за марката Audi, уште од времето кога погонот на сите тркала quattro предизвика вистинска револуција во релито. Сега е ред за електричниот погон да се испробува во екстремните услови на релито Дакар.
Audi е прв производител на автомобили што ќе учествува на Рели Дакар со возило со чисто електричен погон
Во прототипот ќе се користи MGU-единицата (Motor-Generator-Unit) од болидите на Audi во Формула Е во претстојната сезона. Поточно, болидот за Дакар ќе поседува три такви единици. По една погонска единица ќе биде вградена на предната и на задната оска. Третата MGU служи како генератор и ја полни батеријата при возењето. Секако дека техниката ќе мора да се приспособи за Дакар, односно за екстремните услови поради прашината, жегата и долгите рути на пустинското рели.
Енергија за полнење на батеријата ќе испорачува TFSI-мотор од ДТМ. Тој нема да служи директно за погон на возилото, туку само како генератор што ќе произведува електрична енергија за полнење на батеријата. Бензинскиот мотор е неоопходен и тоа е сосем јасно: Во пустината во текот на релито нема да има можности за болидот на Audi да се приклучи на полнач, за батеријата да се наполни за следната етапа.
Во мај ќе бидат претставени тркачките тимови, во соработка со Q Motorsport, еден месец подоцна почнуваат тестирањата на прототипите, а премиераста на автомобилот ќе следи во јули. Главниот настан, секако е самото Рели Дакар, коешто традиционално почнува во првата недела од јануари.
>>> Уште еден електричен Audi: Фабриката во Цвикау почнува со Q4 e-tron