за

Новите модели на Mercedes-AMG добиваат хибриден погон

Идните модели на Mercedes-AMG ќе користат приклучен хибриден погон, вклучувајќи ги и најсилните изведби со мотор V8.

Mercedes-AMG е пионер во електрификацијата меѓу спортските ограноци на премиум марките. Пред M GmbH и Audi Sport, сите нови модели на AMG ќе користат приклучен хибриден погон. Со овој потег, спортските модели на Mercedes само ќе станат уште поекстремни во поглед на моќноста.

AMG во иднина ќе вози со приклучен хибриден погон – со моќност над 800 КС и со вртежен момент до 1.100 њутнметри. Долго кружеа гласини околу електрификацијата на моќната подмарка на Mercedes, тие гласини сега се потврдија. Идните модели со мотор со внатрешно согорување секогаш ќе се испорачуваат во комбинација со електромотор во погонската спрега, односно како приклучни хибриди (plug-in-hybrid). Овие модели ќе се означуваат со E Performance.

Осумцилиндарецот останува во понудата на AMG, меѓутоа ќе биде достапен само во високата класа и само како приклучен хибрид. Идниот C 63 ќе го користи дволитарскиот четирициндарец M 139, познат од A 43 AMG и од CLA. Турбо-бензинецот исто ќе добие асистенција од електромотор во погонот на задната оска. Преоѓањето на хибриден погон не значи дека ќе се смали моќноста на AMG, туку напротив. Моќноста кај одредени модели дури и ќе се зголеми драстично.

Погонската спрега за идните модели на AMG се состои од три компоненти: Мотор, електромотор и високонапонска батерија. Електричниот погон се состои од двостепен менувач и синхронен мотор со постојана побуда. Менувачот ќе се грижи електромоторот да остане колку е можно подолго во оптималното подрачје на работа. Вториот степен ќе се активира над 140 km/h. Моќноста на електромоторот ќе се движи до 150 kW (204 КС).

https://www.instagram.com/p/CNDxSXsn4E7/

Електричниот погон се одликува со врвна ефикасност, затоа што тој директно ја движи задната оска, место неговата моќност прво да се пренесува до деветстепениот менувач. Во некои модели ќе се користи карданско вратило за пренесување на погонот до предната оска. На тој начин ќе може да се постигне погон на сите тркала чисто на струја – без активирање на моторот.

AMG сам ја развиваше батеријата. Нивното решение се води како Mercedes-AMG HPB (High Performance Battery). Батеријата работи со 400-волтна техника и стандардно се состои од 560 ќелии, кои се ладат директно со 14 литри течност во системот. Тоа дозволува брзо и често повикување на краткотрајната врвна моќност од 150 kW, во времетраење од десет секунди. Батеријата во почетокот ќе располага со капацитет од 6,1 kWh.

Моделите со дволитaрскиот M 139 ќе добијат нов електричен турбополнач, како комбинација од електричен дополнителен компресор и класичен турбокомпресор на издувни гасови со мал електромотор на вратилото на компресорот, заради избегнување на турбо-дупката. Интересно е тоа што и електричното турбо ќе се напојува преку 400-волтната мрежа на електричниот погон.

AMG уште годинава ќе ги прикаже своите први преработки на моделите од електричната марка Mercedes EQ. Покрај зафати во изгледот и во внатрешноста, ќе следува и зголемување на моќноста. Спортската марка уште не открива податоци за перформансите на новите модели на струја, но може да се очекуваат вредности на спринт под четири секунди.

https://www.instagram.com/p/CNFs0FNKN-v/

>>> Во Mercedes-AMG во иднина ќе работи повеќе F1-техника

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot држи една петина од автомобилскиот пазар во Франција

Audi ќе вози на Рели Дакар

Audi прв ќе вози на струја на Рели Дакар